Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа денеска се обрати на настанот „Патеки за вештини и инклузија во секторот за цврст отпад“, организиран од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија, кој се одржа во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во своето обраќање, Хоџа изјави дека Регионалниот систем за управување со отпад веќе преминува од концепт во реалност, нагласувајќи дека започнува изградба на инфраструктурата потребна за негово функционирање.
„Многу важно е што Регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Ние веќе градиме инфраструктура што е основа на овој систем. Затоа, 2026-та е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите“, изјави Хоџа.
Тој посочи дека управувањето со отпад е поставено како еден од приоритетите од почетокот на неговиот мандат, додавајќи дека се потребни долгорочни решенија.
„Немаме повеќе време за привремени решенија. Ни треба траен систем што ќе го штити здравјето на граѓаните. Во градењето на тој систем, од суштинско значење е да имаме работна сила и вештини соодветни на потребите“, рече министерот.
Хоџа ја истакна и улогата на европските партнери во процесот, посочувајќи ја соработката со ЕБОР и Европската Унија.
„Нашето партнерство со ЕБОР и Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање на реални, децениски проблеми. Управувањето со отпад денес не е само еколошка тема – тоа е економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда“, изјави тој.
„Управувањето со отпад мора да стане извор на раст и иновација, наместо еколошки проблем, а зелената трансформација мора да се реализира на терен, преку изградба на современа инфраструктура“, порача министерот Хоџа.







