Во Македонскиот културен центар во Тирана свечено беше отворена тактилната изложба „Допирот на уметноста од Битола“, во организација на НУ Завод и Музеј – Битола.
Изложбата претставува 12 тактилни предмети инспирирани од македонското културно наследство, кои им овозможуваат на посетителите да ја доживеат уметноста преку допир, како и преку аудио водичи што обезбедуваат дополнителни информации за експонатите.
Проектот е насочен кон подобрување на пристапноста во културата, со посебен фокус на лицата со попреченост, овозможувајќи им рамноправно учество во културниот живот и непосредно доживување на културното наследство.
Отворањето на изложбата предизвика голем интерес кај посетителите во Тирана, при што беше истакната важноста на инклузивниот пристап во презентацијата на културните вредности.
Организаторите посочуваат дека ваквите иницијативи придонесуваат за поголема достапност на културното наследство и зајакнување на културната соработка меѓу институциите во регионот.





