СДСМ бара Владата да ги пренамени средствата планирани за набавка на нов владин авион за зголемување на минималната плата на 600 евра, изјави портпаролката на партијата Богданка Кузеска на прес-конференција.
„Бараме, парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека ‘нема пари’“, рече Кузеска.
Таа додаде дека, според СДСМ, средствата наместо за луксуз треба да се искористат за подобрување на животниот стандард на работниците. „Имало пари за нов авион, мебел, уредување кабинети, коли, нека направат ребаланс на Буџетот и да ги пренаменат парите за плати“, изјави Кузеска.
Од СДСМ посочуваат дека голем број работници имаат ниски примања. „Над 200 илјади работници имаат плати под 30.000 денари, а синдикалната месечна кошничка е веќе 66 илјади денари“, рече Кузеска, додавајќи дека „со минимална плата не можат да ги покријат основните трошоци“.
Таа истакна дека законот за минимална плата, поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, веќе е во собраниска процедура.
„Законот за минимална плата е на дневен ред во Собранието. Прифатете го. Направете ребаланс, парите за нов авион пренаменете ги за поголеми плати. Без изговори. Без калкулации. Работниците да добијат плати какви што заслужуваат“, рече Кузеска.





