Новиот врховен лидер на Иран Моџтаба Хамнеи е „безбеден“, изјави синот на иранскиот претседател, по гласините дека бил ранет во бомбардирањата на САД и Израел врз земјата, објави CNN.
Според извештај објавен од полуофицијалната иранска новинска агенција ISNA, Јусеф Пезешкијан, син на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, изјавил дека нема причина за загриженост за здравствената состојба на Хамнеи.
„Слушнав извештаи дека ага Моџтаба бил повреден. Прашав луѓе кои беа во контакт со него и ми рекоа дека, фала му на Бога, е безбеден и нема никакви грижи“, изјавил Пезешкијан.
Гласини по неговото исчезнување од јавноста
Коментарите доаѓаат во момент кога се поставуваат прашања за отсуството на Хамнеи од јавноста. Тој не се појавил јавно ниту издал писмена изјава откако во неделата беше назначен за нов духовен лидер и највисок авторитет во Иран.
Хамнеи е син на убиениот ирански врховен лидер Али Хамнеи.
Според израелски извор запознаен со ситуацијата, Израел минатата недела го таргетирал Моџтаба Хамнеи, но се верува дека во нападот бил само ранет.
Иранските медиуми користат архивски снимки
Во деновите по неговото назначување, иранските државни медиуми емитувале архивски снимки од Хамнеи, додека пропагандни мрежи ширеле и видеа и фотографии генерирани со вештачка интелигенција.
Во Техеран, пак, на централниот плоштад Вали Аср се појавил мурал кој го прикажува младиот Хамнеи како го прима иранското знаме од својот татко – сцена која, според аналитичарите, ја нагласува контрадикцијата на наследување од татко на син во систем создаден по револуцијата против наследната монархија.







