Името на добитникот на престижната книжевна награда „Роман на годината“ ќе биде објавено во петок, на 13 март, на прес-конференција што ќе се одржи во просториите на Друштво на писателите на Македонија во Скопје.
Организатор на конкурсот е Фондација „Славко Јаневски“, од каде информираат дека на прес-конференцијата ќе биде соопштено името на авторот и романот што ќе ја понесе титулата „Роман на годината“.
Наградата, која се доделува по 27-ми пат, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Генерален покровител на наградата е Комерцијална банка АД Скопје, а поддршка обезбедува и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Шест романи во најтесен избор
На годинашниот конкурс пристигнале 46 романи, а жири-комисијата по неколку селекции издвоила шест дела што влегоа во најтесниот избор за наградата.
Жирито работеше во состав: Калина Малеска (претседателка и минатогодишна лауреатка), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева како претставничка на фондацијата.
Во најтесниот избор се романите:
„Александар јава на запад“ од Венко Андоновски,
„Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски,
„Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска,
„Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска,
„Три Марии: (роман – басма)“ од Оливера Ќорвезироска и
„Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, во издание на „Или-или“.








