Документарецот „Цената на правдата“ е отстранет од YouTube по пријави за авторски права, а авторите добија 90-дневна забрана за објавување.
Според соопштението на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), пријавите биле поднесени од медиумите Плусинфо и Лидер, поради користење кратки исечоци од нивни видеа во рамки на документарецот.
Од ИРЛ наведуваат дека овие материјали биле употребени во контекст на критичка анализа на медиумската пропаганда и нејзината улога во заштита на, како што велат, корумпирани структури на моќ.
Редакцијата информира дека одлуката за отстранување на видеото не ја донел човек, туку автоматски систем на YouTube.
Во меѓувреме, ИРЛ поднела контра-барање за ревизија на одлуката. До завршување на постапката, платформата изрекла 90-дневна забрана за објавување нови содржини.
Поради тоа, од ИРЛ најавуваат дека нивните видеа и емисии во наредниот период ќе се објавуваат преку Facebook и Spotify.
Во новото издание на поткастот, кое ќе се емитува вечерва во 22:50 часот на МРТ1, ќе се отвори темата за истражувањето „Цената на правдата“, како и за нападите врз свиркачите и новинарите.
Дополнително, ќе се анализира начинот на функционирање на институциите кога правдата, според нивната оценка, зависи од одлуките на мал број влијателни поединци.
Во емисијата ќе биде посветено внимание и на трагедијата во Кочани, од која вчера се наврши една година, а во која животот го загубија 63 млади лица.
Случајот го отвора прашањето за границата меѓу авторските права и правото на јавноста да биде информирана, особено кога се користат материјали во истражувачки и критички контекст.
Ј. Ѓ.







