Скопје наскоро ќе стане центар на европската културна соработка како домаќин на Форумот за културна мобилност 2026, кој ќе се одржи на 29-ти и 30-ти април. Настанот е во организација на европската мрежа за културна соработка On the Move.
Праведност и еднаков пристап во фокусот
Годинешното издание на форумот е посветено на праведноста во културната мобилност, со посебен фокус на поединците и организациите кои творат во земјите кои не се членки на ЕУ.
Темата ги истражува системските рестрикции и неeднаквостите со кои се соочуваат уметниците од Западен Балкан и другите региони вон ЕУ.
Форумот има за цел да ја преосмисли културната мобилност како основно право, наместо како привилегија за мал број избрани чинители.
Една од главните цели е создавање заеднички препораки за засилување на гласот на оние кои се најзасегнати од овие неправди.
Богата програма и локална уметничка сцена
Форумот ќе се одвива на две локации во Скопје – во просториите на Албанскиот театар и Младинскиот културен центар (МКЦ).
Програмата вклучува панел-дискусии на клучни теми како што се уметничките резиденции, финансирањето на мобилноста и проблемите со визите. Покрај дебатите, учесниците на 30-ти април ќе имаат можност да се запознаат со локалниот уметнички пејзаж на Скопје, вклучувајќи визуелни и изведувачки уметности, во партнерство со бројни локални организации како АКТО фестивал, Центар Јадро, Локомотива, Creative Europe Desk – Северна Македонија, Password Production и Лабораториум.
Меѓународно партнерство и соработка
Генералната секретарка на мрежата On the Move, Мари Ле Сур, истакнува дека целта е да се отвори дијалог и да се создадат нови, силни врски помеѓу членките на ЕУ и државите во опкружувањето.
Форумот е организиран во соработка со Платформата Кооператива – регионална мрежа на организации за независна култура во Југоисточна Европа, која брои 40 активни членови од земјите во регионот.
Информации за регистрација
Учеството на форумот е бесплатно, а сите заинтересирани можат да се регистрираат најдоцна до 15-ти април.
Целосна програма и линк за регистрација: on-the-move.org
Контакт за информации: communications@on-the-move.org







