Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски соопшти дека започнува изградбата на Универзалната сала, објект што со децении има силно симболично и културно значење за градот. Според најавата, проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а завршувањето на реконструкцијата е планирано до декември 2027 година.
Тој посочи дека Универзалната сала, како симбол на солидарноста по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, повторно ќе стане централно место за културни настани и собирање на граѓаните. Со нејзината обнова, Скопје треба да добие современ и функционален објект, наменет за театарски претстави, концерти, фестивали и други големи културни манифестации.
Ѓорѓиевски нагласи дека проектот е дел од пошироките подготовки на Скопје за апликација за титулата Европска престолнина на културата 2028, со што градот има амбиција да се позиционира на европската културна сцена.
Во објавата беше изразена благодарност до премиерот и до министерот за култура за поддршката во реализацијата на проектот, оценувајќи дека станува збор за значаен чекор за иднината на градот и неговиот културен развој.












































































































