Технолошката платформа Wolt, позната по брзата и едноставна достава, официјално ги прошири своите услуги во Битола. Ова проширување се случува една година по влезот на компанијата на македонскиот пазар, каде што досега услугите беа достапни исклучиво во Скопје. Со овој чекор, битолчани добиваат пристап до локални ресторани и малопродажни партнери директно преку мобилната апликација.
За да го одбележи почетокот со работа во градот, Wolt нуди специјални поволности за сите нови корисници. Промотивната понуда вклучува 30% попуст на првите две нарачки, како и 14 дена бесплатна достава. Дополнително, на корисниците им е достапна и претплатничката услуга Wolt+, која овозможува пониски трошоци за достава и други поволности за зголемување на вкупната вредност на нарачките.
Лансирањето ќе биде проследено и со јавен настан во сабота, 18 април, во „Јагода мезе бар“ во периодот од 12:00 до 16:00 часот. Посетителите ќе можат да уживаат во закуски и пијалаци, а за оние кои ја имаат или ќе ја инсталираат апликацијата ќе биде организирано „тркало на среќата“ со разни подароци.
Wolt е технолошка компанија со седиште во Хелсинки, основана во 2014 година. Од 2022 година е дел од американската корпорација DoorDash, која дополнително го прошири своето влијание со преземањето на Deliveroo во 2025 година. Денес, платформата оперира во повеќе од 30 земји ширум светот, поврзувајќи ги потрошувачите со локалните бизниси и доставувачи.





