Комисијата за култура на СДСМ преку соопштение упати остри критики до министерот за култура, Зоран Љутков, оценувајќи ја неговата последна изјава како уште еден обид преку празни флоскули и маркетинг да се прикрие катастрофалната состојба во македонската култура.
Од опозициската партија реагираат дека додека министерот зборува за „250 проекти“, „брзи процеси“ и „нова енергија“, реалноста во културата е сосема поинаква. Според СДСМ, институциите се оставени без основни услови за работа, уметниците се понижени, а културните работници секојдневно се соочуваат со неизвесност, доцнења и игнорантски однос од страна на Министерството.
Како најголем доказ за лошите политики, СДСМ го посочува директниот напад врз правата на вработените во културата.
„Наместо почитување на Колективниот договор, оваа власт се обидува да го поништи и обезвредни, со што им удира директно по достоинството и егзистенцијата на културните работници. Тоа е вистинското лице на оваа политика – не грижа за културата, туку пресметка со луѓето што ја создаваат“, се вели во соопштението на Комисијата за култура на СДСМ.
Од партијата обвинуваат и за партизација, нетранспарентност, хаос во програмите, доцнење на исплати и целосно отсуство на стратегија, наспроти тврдењата на министерот за „достапна и жива култура“.
Комисијата за култура на СДСМ порачува дека нема да дозволи лагите да станат официјална слика за состојбата и нагласува дека на културата ѝ требаат почит, стабилно финансирање, заштита на работничките права и вистинска поддршка за уметниците и институциите.
„Културата не се брани со говори. Културата се брани со дела“, заклучуваат од СДСМ.






