Пишува: Елизабета СЕКИРАРСКА
Секогаш велам: постои еден човек кој може да го смени светот. Учител се вика.
Само тој може да обликува ум, да вложи во она што детето ќе стане утре и да биде сведок на трансформацијата на мозокот во ум. Само тој може и мора да се бори за секое дете, за убавиот здив во училницата. Да работи така што ќе прави промена во неа, како микрокосмос кој ќе може, треба и мора да се шири и расне. Да се бори за здрави, стабилни општествени темели, кои се можни само со здрави, реални воспитно-образовни зафати. Расчистувањето со квази реформите, прочистувањето на, за жал, длабоко етаблираните деформации во образованието, сериозното зафаќање со феноменот на полуписменоста и своевидната неписменост на писмените (на почва која е лулка на писменоста), се само дел од императивите кои стојат како предизвик – оној што ќе донесе вистинска промена. Не сум веќе во училницата, но се уште сакам да сум оптимист. Се уште ми е важно. Секогаш ќе ми биде. Се уште тагувам по тој магичен простор, најмногу заради тоа што не се разбира вистинската магија, онаа која тој контакт мора да ја подразбира. Затоа, сите вие што се уште стоите пред децата и ја имате таа привилегија да раснат и зреат со и покрај вас, треба да сте оптимисти. Треба сте борци. Гласни. Сите да се борите, за да вашите учителски сништа станат јаве. Да не дозволите да ве маваат кошмари, креирани од оние кои многу добро знаат дека само учител кој се уште сонува е оној опасниот – сонува буден. Оти само така ќе ве биде. И да, морам да додадам, по повод Денов: само добар човек може да биде добар учител. Добар по душа, мисла, збор и чинка. Од оној кој корне на мрза, непосветеност, суета, злиња, тапост и било каква друга боја, освен учителската, детето нема што да научи.
Среќен празник, колеги, Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, основоположниците на словенската писменост и култура.







































































































