Коалицијата ВЛЕН излезе со нови обвинувања до Демократската унија за интеграција (ДУИ) во врска со решавањето на прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик. Во најновото соопштение, од владејачката коалиција посочуваат дека по Блерим Беџети, на чело на Министерството за правда дошол друг кадар на ДУИ, Аднан Јашари, кој исто така не покажал волја да го реши овој проблем за албанските студенти.
Од ВЛЕН реагираат дека ДУИ се обидува да го покрие незавршениот ангажман со секојдневна врева и лаги, нагласувајќи дека ова прашање се решава единствено со работа.
„Министерството за правда премина од еден кадар на ДУИ кај друг. По Блерим Беџети, кој беше министер повеќе од 1000 дена, дојде Аднан Јашари. Имаше мандат, имаше надлежности, имаше печат. Единствено немаше волја за албанските студенти“, се вели во партиската реакција.
Обвинувања за селективност на системот во времето на Јашари
Во соопштението, коалицијата ВЛЕН упати сериозни тврдења за селективно постапување на институциите во минатото, обвинувајќи ја ДУИ дека системот функционирал експресно кога станувало збор за нивниот близок круг, додека обичните студенти биле оставани да чекаат.
„Токму во времето на Аднан Јашари, синот на Талат Џафери го положил правосудниот испит, иако сѐ уште немал дипломирано. Значи, за албанските студенти немаше решение на албански јазик, додека за синот на функционер на ДУИ системот функционирал. За своите наоѓаа начин, а проблемите на Албанците ги оставаа нерешени“, обвинуваат од ВЛЕН.
Поради ова, од владејачката коалиција јавно бараат од поранешниот министер Аднан Јашари да одговори зошто не го решил ова прашање во текот на својот министерски мандат.
ВЛЕН најавува полагање на сите професионални испити на албански јазик
На крајот од соопштението, коалицијата порачува дека за разлика од политичките калкулации на опозицијата, тие му пристапуваат на овој проблем темелно.
Од ВЛЕН најавуваат дека овозможувањето на правосудниот испит на албански јазик е само почеток и дека во иднина сите професионални испити во државата ќе можат да се полагаат и на албански јазик, со што ќе се донесат конкретни решенија за граѓаните.







