Дизајнот на македонското знаме на прославата „Силно светнал ден“ по повод 35 години независност, предизвика остра политичка пресметка меѓу власта и опозицијата, при што социјалдемократите обвинуваат за срам и понижување на националниот симбол, додека владејачката партија одговара дека станува збор за уметничка инсталација и лицемерие од политичките ривали, покажуваат најновите соопштенија од двете партии.
Според соопштението на СДСМ, на настанот за кој биле потрошени милионски суми народни пари, власта предводена од Христијан Мицкоски не успеала правилно да го прикаже државното знаме. Од опозициската партија ги нарекуваат своите противници „тендер патриоти“ и аматери кога станува збор за државноста, барајќи Владата јавно да соопшти која компанија била ангажирана за визуелниот идентитет, колку чинела сценографијата и кој ќе понесе одговорност за овој пропуст.
Во контра-реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека на прославата „Силно светнал ден“ било прикажано претопување на повеќекрако сонце во македонското знаме со осум краци преку уметничка инсталација. Од владејачката партија жестоко возвраќаат, истакнувајќи дека партијата која во минатото двапати го менувала знамето, како и името, банкнотите и Уставот, нема кредибилитет да говори за понижување на државата и ги обвинуваат ривалите за бришење на историјата.
Според оценките на ВМРО-ДПМНЕ, прославата била поздравена од граѓаните, додека обвинувањата доаѓаат од луѓе кои ги нарекуваат политички глодари кои не сакаат државата да оди напред. Од владејачката партија заклучуваат дека ќе бидат потребни години за да се поправи штетата што претходната власт ѝ ја нанела на Македонија.
Ј. Ѓ.







