Советникот во Општина Гази Баба, Александар Вељановски, преку изјава за медиумите алармираше за можна урбанистичка измама преку која буџетите на Општината и на Град Скопје би биле оштетени за околу 23,5 милиони евра. Тој јавно праша дали зад овие постапки стојат шеми на градоначалникот Боби Стефковски.
Според Вељановски, сомнежите произлегуваат од Нацрт-верзијата за Деталниот урбанистички план (ДУП) ЦС09 Блок, кој го опфаќа потегот кај трговскиот центар „Ист Гејт“. Во планот се предвидува изградба на објекти со намена Б5 (хотелски комплекси) на четири градежни парцели со вкупна површина од близу 141.000 метри квадратни.
„Ако една просечна хотелска соба има околу 40 квадрати, ова значи дека таму се цртаат неверојатни 3.000 до 3.500 хотелски соби. Тука лежи главната дилема и сомнеж за корупција: Дали преку оваа намена за хотели, всушност, се подготвува терен за класични станбени згради, со цел да се изигра законот и да се избегне плаќањето на реалните комуналии?“, прашува Вељановски.
Како би се оштетил буџетот според пресметките на Вељановски:
Регуларниот надоместок за уредување на градежно земјиште за овој дел од Скопје изнесува околу 180 евра по метар квадратен.
Доколку регуларно се градат станови, за оваа површина инвеститорот би требало да плати околу 25 милиони евра во буџетот.
Но, бидејќи инвеститорот добива маркица за „хотел“, тој законски плаќа само 5% од износот за комуналии.
Тоа значи дека наместо 25 милиони, ќе се платат само нешто над 1,2 милиони евра, со што се скратуваат 23,5 милиони евра наменети за градинки, училишта и улици.
Советникот предупредува дека со ваквиот план му се прави и дополнителна услуга на инвеститорот да гради помал број паркинг-места, бидејќи стандардите за хотели се пониски од оние за станбени згради.
Најголемиот проблем, посочува тој, ќе го имаат идните купувачи кои ќе бидат доведени во правна замка. Според него, граѓаните што ќе ги купат овие „хотелски апартмани“ за живеење нема да можат да извадат лична карта во МВР на таа адреса. Тој информираше дека ваков проблем веќе постои на соседна градежна парцела каде луѓето се вселени, но правно не можат да го пријават своето живеалиште.
Вељановски ги повика институциите веднаш да дадат одговори и побара одговорност за евентуалното оштетување на парите на граѓаните.







