Сериозни меѓусебни обвинувања разменија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу лобирањето за македонските државни интереси во Соединетите Американски Држави и улогата на приватната компанија за наменско производство „АТС Груп“. Откако опозицијата го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека приватна фирма за оружје ги плаќа неговите лобисти во Америка за да туркаат државна агенда, од владејачката партија експресно возвратија дека станува збор за приватен договор на компанија која претходно била силно поддржувана токму од раководството на СДСМ.
Според СДСМ, податоците од американскиот FARA регистар покажуваат дека фирмата „АТС Груп“ на Шефшет Демировски плаќа околу 1,56 милиони долари годишно на лобистичката куќа „Mercury Public Affairs“. Портпаролката Богданка Кузеска обвини дека оваа лобистичка група во име на приватната фирма предала материјали за стратешкото партнерство, отворајќи врати за средби кои премиерот потоа ги претставува како официјални државни посети на високо ниво. Опозицијата прашува зошто приватен производител на муниција лобира за државни теми како експлоатацијата на антимон и бара истрага за случајот, тврдејќи дека американските институции немаат официјално заведено средби на Мицкоски со високи претставници, туку дека станува збор за неформални контакти.
На овие обвинувања, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека Владата нема никаква врска со приватен договор склучен меѓу две компании, нарекувајќи го потегот на СДСМ „класичен автогол“. Од владејачката партија прашуваат дали СДСМ зборува за истата фирма „АТС Груп“ која ја отвори поранешниот премиер Зоран Заев заедно со Радмила Шекеринска. Според ВМРО-ДПМНЕ, токму Заев му доделил дипломатски пасош на сопственикот Демировски и покрај обвинувањата за шпионажа, додека високи функционери на СДСМ, како Фатмир Битиќи, Славјанка Петровска и Димитар Ковачевски, во минатото делеле ордени на компанијата и активно ја поддржувале нејзината вклученост во тендерите на НАТО.
Владејачката партија оцени дека ваквите напади се дегутантни и претставуваат ширење лаги и дезинформации од страна на партија која се наоѓа во тешка безидејност.






