Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на конференцијата „Перспективи 2021“ во организација на ЦИВИЛ, нагласи дека отвореноста и транспарентноста на Владата се половина работа во борбата со справување на корупција и криминал.
„Транспарентноста и отвореноста се половина од борбата против корупцијата, затоа Владата донесе одлука со која сите надлежни институции, вклучително и општините и градот Скопје се обврзани во рокот од 30 дена да ги објават јавно на своите веб страници сите документи и информации поврзани со нивната работа. Функционерите се лицето на државата и тие треба да се најдоброто од нас, затоа и правата кои ги имаат тие функционери не можат да останат без контрола. Формиравме работна група чиј што приоритет е да ги ревидира дискреционите овластувања кога станува збор за именување на функционерите“, истакна вицепремиерот Љупчо Николовски.





