Најголем дел од времето во денот македонските граѓани го поминуваат во спиење. Обожуваат гледање телевизија. Најзафатени се оние меѓу 25 до 44 години, со најмногу слободно време се возрасните над 65 години. Работата дома во земјава се уште е на жената. Во домашните активности предводи жената без разлика дали е вработена или не.
Ова го покажува последната анкета за користење на слободното време спроведена од Државниот завод за статистика, а која е трета по ред и покажува дека во 20214/2015 година во однос на 2009 година македонските граѓани повеќе време почнале да трошат на спиење, слободни активности, вработеност,, јадење и пиење, а помалку на домашни активности, лична грижа и патување.
Анкетата покажува дека просечно време потрошено на спиење отпаѓаат 36 отсто, односно 8 часа и 44 минути во денот. Во оваа бројка е опфатено спиењето преку ден или ноќе, но, исто така, и лежењето во кревет поради оневозможеност болест, старост, инвалидност.
На слободни активности отпаѓаат 22 отсто, односно 5 часа и 17 минути користеле граѓание за дружење, посетување и примање гости, телефонски разговори, забава и култура, одмор, спортување, шетање, пешачење, уметност, користење компјутери, читање книги или други списанија, гледање телевизија, слушање музика и друго.
Домашните активности претставуваат 10 отсто од сите други активности во текот на денот. Два часа и 25 минути троши македонскиот граѓанин на подготвување храна, миење садови, чистење на станот, перење, пеглање, рачни изработки, градинарство, грижа за домашни миленичиња, но, исто така, и активности поврзани со домаќинството како што се градење и поправки, купување и разни услуги, па и грижа за децата, на пример, физичка грижа и надгледување, учење, играње и разговор со децата и други неспомнати активности.
На вработеност отпаѓаат 10 отсто или 2 часа и 30 минути. Тука се сметаат главната и дополнителната работа, вклучувајќи ги и кратките паузи за време на работата, патувањето за време на работата, прекувремената работа и патувањето поврзано со вработеноста, службен пат, семинар и друго.
Јадењето и пиењето претставуваат 9 отсто, односно 2 часа и 14 минути.
Во групата друг вид лична грижа, каде што процентот е 4 отсто или 56 минути, спаѓаат активностите кои лицата ги вршат за себе како, на пример, лична хигиена, грижа за сопственото здравје, интимни односи, а, исто така, и активности што се вршат бесплатно за член од семејството, роднина или пријател и слично.
На патување отпаѓаат 4 отсто или 52 минути. Ова време граѓаните го одвојуваат за патување од и до работа, патување поврзано со школување, патување поврзано со купување и услуги, патување поврзано со грижа за децата или со друга грижа за домаќинството, патување поврзано со дружење, патување поврзано со други задоволства, т.е. за забава, хоби, спорт, одмор и слично.
Школувањето е опфатено со 4 отсто или 46 минути, а вклучува регуларни часови и предавања, лабораториска работа, пракса, како и кратките одмори помеѓу часовите на училиште или универзитет, домашна работа, учење во библиотека и дополнително школување и курсеви.
Анкетата покажала дека се уште е пристуна традиционалната поделба на работите меѓу половите, според кои, мажите поголем дел од времето го поминуваат на платена работа, додека кај жените, домашните активности одземаат најголем дел од времето.
Дури и кога би се зеле предвид само вработените лица, повторно жените предводат во домашните активности со голем процент. Вработените жени учествуваат со 14 отсто, за разлика од вработените мажи кои учествуваат со само 5 пет во тие активности.
Подготвувањето на храна кај жената зазема 37 отсто од домашните активности, додека кај мажите само 12 отсто. Миењето садови кај жената зазема 16 отсто од домашните активности, додека кај мажите само два отсто.
Слободно време најмалку имаат лицата од возрасната група од 25 до 44 години, во којашто е најголемо и дневното просечно потрошено време на работното место. Најмногу време поминато за школување се забележува во возрасната група од 10 до 14 години, додека за слободни активности најмногу време имале во возрасната група од 65 и повеќе години.
Од слободните активности на прво место за македонските граѓани е гледање телевизија, потоа одморање, користење компјутер, дружење, шетање и пешачење, па следат останатите активности со помал процент.
Анкетата покажала дека во земјава, како и во повеќето држави, гледањето ТВ одзема околу 40 отсто од слободното време.
Анкетата е спроведена на примерок од 2080 домаќинства кои континуирано се анкетираа во текот на целата година, од мај 2014 до април 2015 година. Таа е прилагодена според препораките на Евростат при што се применети најновите промени во методологијата. Се спроведува на пет години. Според информациите од Државниот завод за статистика требала да се спрвоеде во 2020 година, но е одложена поради пандемиајта, а во 2021 година најверојатно ќе биде одложена поради Пописот на населението./МИА/.