Политички чувствителните прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања, вели вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во интервју за МИА одговарајќи на прашање дали очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив што се предвидени да се одржат во март.
Затоа, смета тој, треба да одмориме од овој проблем.
„Дел од бугарските политички сили можеби сакаат ова прашање и да го користат во кампањата. И не мислам дека ќе си помогнеме ако влеземе во таа приказна. Јас мислам дека е време малку да одмориме од овој проблем и практично од Бугарија. Мислам дека е време, енергијата, времето што не ни е бесконечно, тоа ни е ограничено да го инвестираме во средување на сопствениот двор. Тоа не значи дека треба да ги прекинеме разговорите со Бугарија, немаме од што да бегаме, кажавме јасни позиции и сме кристално чисти, меѓутоа мислам дека фокусот треба да биде дома“, вели Димитров.
Тој додава дека штом завршат изборите треба да бидеме подготвени да влеземе во тој процес, да ги убедиме дека тоа што Бугарија го направи кога таа беше претседавач со ЕУ и го врати проширувањето на листата на приоритети на ЕУ, не соодветствува со ова што сега ни го прави.
Димитров истакнува и дека Германија направила сè што можела за да се одржи првата меѓувладина конференција со земјава до крајот на минатата година.
„Германија даде сè што можеше. За жал Европската Унија по ова прашање функционира така што ако нема доволно консензус, доволно е една земја да спречи донесување на одлука. Меѓутоа, многу е важно што другите за тоа мислат. Ние се обидовме и мислам дека успеавме да издржиме иако не беше лесно, имаше многу искушенија, да имаме возрасна политика, да зборуваме со европски јазик, со јазикот на вредностите и принципите, и мислам дека е многу важно што нашата позиција беше разбрана, прифатена и поддржана од сите останати земји-членки“, вели вицепремиерот.
Во интервјуто тој оценува дека нашиот пат кон Европската Унија е многу тежок, тесен и многу стрмен, а процесот на проширување е во криза и смета дека неуспехот на ЕУ да ја спроведе сопствената одлука, испрати негативен сигнал за еден регион што е опкружен географски од земји-членки на Унијата.




