Португалија ќе биде заинтересирана да ги продолжи напорите на Германија, Берлин најавува дека останува посветен на ова прашање, мислам дека Европската Унија не може да си дозволи луксуз и оваа 2021 година, да помине така како што помина 2020, со неуспех по проширувањето, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во празничното интервју за МИА.
-Пристапниот процес е алатка за европеизација. Меѓутоа, нас никој не ни ги врзува рацете да работиме на европеизација ако веќе немаме пристап до пристапниот процес. И мислам дека што повеќе сработиме дома, толку посилна ќе ни биде позицијата и во поглед на почнувањето на преговорите со Европската Унија, вели Димитров.
„Конечно после десет години интензивно ќе работиме на превод на европското законодавство на македонски јазик, што меѓудругото ни е обврска, бидејќи македонскиот јазик ќе стане еднаков рамноправен официјален јазик на Европската Унија штом влеземе во полноправно членство. Многу работа имаме на ИПА структурата, клучна година ќе биде оваа, и во поглед на задржување на кадарот и во поглед на откочување на проекти коишто биле долго време закочени. За некои проекти веќе имаме успех, на пример Јавното претпријатие Македонски железници по промена на раководството, конечно го потпиша оперативниот договор што е услов во Коридорот 8 и железничката пруга да влезат европски пари. Имаше мака таму неколку години. И во однос на реформската агенда овој месец ќе излеземе со план и ќе имаме една отворена и редовна комуникација со јавноста преку медиумите за македонските граѓани, за тоа каде одиме добро, каде одиме недоволно добро. Тоа ќе биде нашата улога во овој период.“, вели Димитров за МИА.
На прашањето дали очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив што се предвидени да се одржат во март, Димитров вели дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања.




