Мојата улога како специјален претставник на Северна Македонија произлегува од напорите на македонската влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија, и со тоа да ги отстрани пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ. Ова го изјави за БГНЕС специјалниот пратеник на македонската влада за преговорите со Бугарија Владо Бучковски.
Тој од вчера е во посета на Софија каде се состана со високи бугарски претставници.
„Во оваа насока, секое мое официјално соопштение на линијата Скопје – Софија е по повод нашиот предлог Акциски план, кој содржи конкретни чекори во делот на поврзување преку Коридорот 8, соработка во образованието, енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество“, рече Бучковски.
Според него, ова треба да создаде доверба меѓу владите и државите, меѓу народите на двете земји.
„Без оглед на интензитетот на моите патувања и состаноци, очигледно е дека двете земји се заинтересирани да не ги замрзнуваат односите или комуникацијата само преку медиуми и преку посредници. Нашата блискост како два народа и две земји со заеднички моменти во минатото и заеднички поглед на историјата нè тера да преземеме чекори за изнаоѓање решение, а ваквите работни состаноци се само чекор напред кон решение “, рече Бучковски.
Бучковски посочи дека во претстојниот период „нашата работна група ќе ги разгледа коментарите на Бугарија за нашиот предлог Акцискиплан и ќе се развие јасна позиција“.
И.З.
Извор: БГНЕС