Доживотен затвор за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ за делото тероризам и максимални казни за Фејзи и Хаки Азири, кои се обвинети за помагање во петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година, побара обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови за „Монструм“. Максималните казни што ги посочи таа за двајцата обвинети се 15, односно 9 години затвор, пренесува 360 степени.
„Освен максимално предвидените казни за ваков настан, не верувам дека со друга санкција би се постигнале целите“, рече обвинителката.
Фетаи посочи дека она што произлегува е фактот дека изборот на жртвите е тие да бидат Македонци, тоа да се случи неколку дена пред Велигден … Станува збор, потенцираше обвинителката, за настан кој можел да предизвика повторен конфликт и да доведе до многу невини жртви и случка која ја засилила омразата помеѓу Македонците и Албанците.
„Веројатно, мотивите можат да ги кажат Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (кои се во бегство во Косово) кога ќе се соочат со овој суд. Агим не ја искористи таа можност. Мотивацијата да не се екстрадираат можеби е подлабока, но времињата се менуваат и очекувам и тие да бидат соочени со правдата“,рече Фетаи.
Со сличен заклучок по денешните завршни зборови на обвинителство излезе и адвокатката на семејствата на жртвите, Дафина Ивановска.
„Повеќе пати од семејствата беше укажувано за некое друго влијание за враќање во почетна фаза на постапката. Сите сме свесни, а и вие бевте сведоци во текот на постапката, за да се утврди дека тие ’бомби‘ не придонесоа за поинаква битно сменета фактичка состојба за извршување на ова дело“, изјави адвокатката.
По денешните заврши зборови на обвинителство, истото треба да го направат и обвинетите и нивните адвокати, за што рочиштето е закажано на 3 февруари.
Во петкратното убиство на 12 април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, а во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени сите шестмина обвинети: Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење кое сега влезе во завршна фаза.
Извор: 360 степени