Ако пред неколку години прашавте некој за Визбегово, ќе ви речеа:
– Убавото селце близу Скопје кај што има многу кал и уште повеќе мешано население.
Веќе 16 години сум Визбеговец. Со години наназад, кога одев на училиште и работа, калта ни беше најголем проблем. Секогаш кога ќе заврнеше, се создаваше една леплива и густа смеса која толку проклето влегуваше во секоја нерамнина од обувките и многу тешко се отстрануваше. Пробувавме да носиме ќеси, да се бришеме со марамчиња пред да влеземе во 18ка, ама џабе, секогаш остануваше. Како резултат, често јас и моите комшии можевме да бидеме видени низ град, на училиште и работа со многу кал на обувките.
Ама знаете што?
Никогаш не ми беше срам поради тоа. Калта се лепеше подеднакво на сите Визбеговци – и на обувките на Македонците и на Албанците и на Турците, Ромите, Македонските муслимани. Подеднакво на гумите на југовците и на мерцедесите. Тоа беше проблем на сите, во чие справување секогаш наоѓавме некоја чудна комшиска солидарност во вид на превоз до автобуска или град, давање на вишок ќеса или палома на соседот и сл.
И јас сум барал цигари од комшиите. Барале и од мене. И мене ми се има случено некое од комшиските деца да ми влезе во двор – тоа е редовна практика во секое село.
Затоа, се срамам од вчерашниот протест. Калта сега речиси и ја нема, ама тие луѓе успеаа да го извалкаат Визбегово повеќе од сета кал во моите 16 години визбеговски стаж – бидејќи зад нивната „загриженост“ не се крие ништо повеќе од обична себичност, елитистичност и надменост кон човекот во полоша состојба од нив самите.
Срамота, комшии.
пишува: Павле Богоевски