Како да изберете сочен лимон и да го исцедите максимално?
Кога ќе го земете лимонот во раката, тој треба да е цврст и тежок за својата големина. Кората треба да му е светложолта, без зелени дамки.
За максимално да го исцедите сокот од еден лимон, најпрво поставете го лимонот на рамна површина, ставете ја дланката над него и создавајќи мал притисок, потркалајте го напред-назад неколку пати. Потоа ставете го лимонот во микробранова печка 15-20 секунди. На крајот, исцедете го.
Како да не ви потонат парчињата овошје на дното на тортата или кексот?
Кога ќе направите сè како што треба според рецептот, воопшто не е забавно на крајот да добиете торта или колач во којшто сите вишни, цреши или јагоди се на дното.
За да не потонат парчињата овошни плодови, пред да ги ставите во тестото, испрпелкајте ги во малку брашно. Кога нивната површина ќе биде прекриена со тенок слој брашно, ставете ги во тестото.
Како полесно да го исчистите загореното тавче или тенџере?
Загореното тавче или тенџере предизвикува нервоза кај секоја домаќинка. Но, постои трик кој може значително да ви го олесни досадното напорно триење.
Посипете сода бикарбона по целото дно на садот и налејте малку вода, колку да се покрие дното. Оставете го да стои така неколку часа. Чистењето ќе ви биде многу полесно.
Како поточно да го измерите медот?
Многу е тешко да се измери точното количество мед кое го бара одреден рецепт, затоа што медот се лепи на површината на лажицата или шолјата.
За да го решите овој проблем, премачкајте ја лажицата или шолјата со малку маслиново масло. Така, медот ќе се лизга и ќе можете да го употребите целото количество што ќе го измерите.
Исто така, можете прво да ја потопите лажицата во жешка вода, а потоа да нацрпите мед.
Како полесно да напишете порака на тортата?
Декорирањето на тортата може да биде многу напорно, особено ако треба да напишете порака како „Среќен роденден“ со интересни букви или пак ако сакате да нацртате некоја форма.
Не се затрчувајте веднаш да испишувате со шприцот. Земете чепкалка за заби и напишете ги зборовите без многу да притискате. На тој начин лесно ќе можете да ги распределите буквите така што да има исто растојание меѓу нив, а потоа и да коригирате таму каде што е потребно. На крајот многу полесно е со шприцот само да ги пратите линиите.
Кој е најдобриот начин да скршите јајце?
Кога кршат јајце, најголем дел од луѓето го потчукнуваат на работ на чинијата. Но, во таков случај лушпата се раздробува на ситни парчиња и често некое парче завршува во јајцето (а не е баш лесно да се улови малата лушпа во белката).
За да го избегнете тоа, кога кршите јајце, внимателно потчукнете го на рамна површина.
Како да го спречите потемнувањето на излупените и исечените компири?
Ако спремате голем ручек или вечера и немате време да ги лупите и сечкате компирите непосредно пред да ги готвите, може да го направите тоа многу порано, а сепак тие да ја зачуваат својата светложолта боја.
За да не потемнат компирите, потопете ги во сад со ладна вода и ставете го садот во фрижидер. Доколку компирите се целосно потопени, нема потреба да се грижите дека ќе потемнат.
Како полесно да излупите чешне лук?
Со помош на нож отсечете го долниот крај на чешнето. Поставете го рамниот дел од голем нож врз чешнето и притиснете одгоре. Лушпите веднаш ќе се одделат и ќе можете без проблем да го излупите.
Како штицата за сечкање да не ви мириса на лук?
Не, не треба да ја фрлите штицата за сечкање ако се замириса од лук. Посолете ја со ситна сол, пресечете еден лимон на 4 полумесечини и со парчињата започнете да ја триете солта по површината на кујнската штица. Од време на време исцедувајте по малку сок од лимонот.
Оставете ја штицата да стои неколку часа прекриена со сок од лимон и сол, а потоа избришете ја.
Како е најдобро да замрзнете свеж магдонос или нане?
Исечкајте го магдоносот (онака како што сакате да го употребувате) и распоредете го во пластичен додаток за правење коцки мраз. Потоа потурете го со малку течност со коцка за супа и ставете го во замрзнувачот. Кога ќе се замрзнат коцките, соберете ги во кеса која добро се затвора за да не примат миризба. Вака замрзнатите коцки ќе ви послужат за зачинување на супа, манџа или сосови.
Нането, наместо со течност со коцка за супа, потурете го со вода и замрзнете го. Замрзнатите коцки со нане можат да ви послужат за коктели или за ладен чај.