Министерката за образование и наука Мила Царовска, германската амбасадорка Анке Холштајн и претставници од банката за развој KFW, денеска ја посетија компанијата Алкалоид, која има интерес од идната година да се вклучи во дуалното образование со отворање на неколку паралелки во средно стручно училиште.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука (МОН) на работниот состанок беше потенцирана важноста од создавањето на соодветни профили кои им се потребни на компаниите, а кои треба да излезат токму од средното стручно образование.
-МОН ја зајакнува соработката со Стопанските комори и со компаниите и локалните самоуправи со цел преку отворање на нови профили да одговориме на потребите на реалниот сектор, но и да придонесеме за поголема вработливост на младите. Оваа соработка ни е многу важна затоа што токму реалниот сектор ќе се вклучи во креирањето на наставните програми и уписните политики, рече министерката Царовска.
Од компанијата Алкалоид, беше поздравена идејата за зајакнување на соработката којашто треба да резултира со оспособување на кадар во средните стручни училишта којшто недостига, а е баран на пазарот на трудот, се наведува во соопштението.