Државниот врв е едногласен дека спроведувањето на пописот во април месец е висок државен интерес и потврда за зрелоста на државата. Пописот е предуслов за секоја организирана држава да може да го планира својот развој и со законските решенија ќе се реализира исклучиво како статистичка операција согласно стандардите на Обединетите Нации и Евростат, односно според врвните глобални и европски стандарди и практики.
Претседателот Стево Пендаровски на состанок вчера на држваниот врв и градоначалниците организиран од Државниот завод за статистика за координација во врска со претстојниот попис, истакна дека проблемите поврзани со пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени, а најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која во јавноста се креира извесен период наназад, а е, вели, рефлексија на стравот од резултатите од пописот. Според мене, нагласи Пендаровски, тој страв произлегува од погрешното разбирање на концептот на човековите права како наводно, збир на привилегии што некој некому му ги дава или му ги одзема.
– За жал, точно е дека на Балканот правата на луѓето сè уште се гледаат низ етничка призма и пописот не се перцепира како статистичка операција, туку како политички проект. Затоа, кога се пребројуваме во регионот ние сè уште веруваме дека силата е во бројките и дека само од тие бројки зависат нашите права. Тоа е и главната причина зошто речиси 20 години немаме организирано попис и зошто го прекинавме во 2011-та. Но, човековите права и слободи не се привилегии што можат да се изгубат или одземат во зависност од нечија волја. Во една демократска држава со европска иднина, стекнатите права не смеат да се одземаат, туку само да се зголемуваат, и тоа треба да важи за сите граѓани, независно од нивната бројка, истакна претседателот Пендаровски.
Во таа смисла, додаде тој, политизацијата на пописот е само дефокусирање од реалните проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, а, тие се најмногу во економско-социјалната сфера, владеењето на правото, и како нивна последица – иселувањето.
– Ако постои една работа која што навистина треба да не исплаши од овој попис сите нас, тоа е бројката на иселени граѓани, бројката на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата во потрага по подобар живот за себе и за своите семејства. Тоа претставува една од најголемите закани за иднината на Република Северна Македонија. А се иселуваат граѓани од секоја етничка и верска припадност. Се иселуваат од сите општини, од сите градови и села. Негативните ефекти од иселувањето најдиректно се чувствуваат токму на локално ниво, рече претседателот на државата, вели Пендаровски.
Според претседатрелот на Собранието, Талат Џафери, пописот во демократскиот свет се смета за најмасовна, најскапа и најобемна статистичка операција, а кај нас се восприемна низ политичка призма.
– Пописот не е и не смее да биде политичка операција. Редно е да се издигнеме над тој порив, редно е да се вброиме меѓу земјите кон чие што друштво и целиме. Во прилог на ова е сериозноста со која сите институции, почнувајќи од Државниот завод за статистика, Министерствата кои за целите на пописот соработуваат со Заводот, Единиците на локалната самоуправа и сите чинители се вклучени во планирањето и подготовката на Пописот кој се рангира како активност од висок државен интерес за кој што во Собранието беше донесен и посебен Закон и врз основа на кој е и оваа денешна активност на информирање и давање на адекватна поддршка и вклучување на институциите од највисоко ниво, вели Џафери.
Пописот, додаде тој, ќе овозможи рамномерно распоредување на јавните здравствени установи, училишните, спортските и културни центри и во овој контекст, вели, од исклучителна важност е секој еден чинител во операцијата наречена Попис, да ја сфати неа со должна почит и сериозност и така и да пристапи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, од инструкторите, попишувачите и последните, меѓутоа најважните, граѓаните.
– Да смогнеме сили, да го оставиме настрана нашето себично размислување и да се издигнеме над ситуацијата, да ги прифатиме резултатите од пописот и да се поместиме веќе еднаш од таа мртва точка на која сме заглавени со нашиот анахрон ментален склоп за да не дојде ред да правиме попис на иселени и преостанати жители во Република Северна Македонија. Се надевам дека месец април ќе биде потврда за тоа дека сме созреале како држава, после цели 20 години и дека сме спремни да бидеме полноправна членка на европското семејство во блиската иднина, порача претседателот на Собранието Талат Џафери.
Премиерот Зоран Заев во обраќањето порача дека бојкотот на пописот на кој повикува и го најавува опозоцијата е најлошата одлука што може да ја донесе кој било политички субјект. Тоа, вели, може да донесе штета за државата, конфузија кај граѓаните. Таквиот став е свесно туркање на земјата во провалија и закана дека ќе останеме црна дупка во светот како изолирана земја која што не поседува податоци за да може да ги испланира следните 5, 10, 50 или 100 години од сопствената иднина.
– Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики. Оттаму, тука сме пред вас, за да укажеме колку е важно државата и сите нејзини институции и чинители на централно и локално ниво, да дадат поддршка на Државниот завод за статистика, за успешно да ја спроведе стратегиски важната статистичката операција – Попис 2021, рече премиерот.
Пописот, вели Заев, не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во земјата, туку опфаќа многу сегменти, факти, податоци, бази од кои може да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество, туку ќе овозможи да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни, со што ќе се унапредат и нивните права и придобивки. Податоците од пописот се од огромно значење и за локалните власти и се суштински кога станува збор за планирање на развојот на заедницата.
– Пописот е и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ, бидејќи, поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите и затоа во април треба сите да дадеме придонес ова прашање успешно да го затвориме. Сите да покажеме одговорно однесување и да придонесеме кон пописот како државничка одговорност – сите ние кои сме на лидерските позиции во општеството на централно или на локално ниво, за да може придобивките од статистичките показатели да му се вратат на народот со успешни политики. Со учеството во пописот секој граѓанин ќе да даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Тоа е наше задолжение, наша обврска кон државата, кон нас самите и кон нашите деца, порача премиерот Заев и ги повика градоначалниците да помогнат колку што можат за да се спроведе успешна статистичка операција.
И градоначалникот на Град Скопје и прв човек на ЗЕЛС Петре Шилегов повика сите локални самоуправи да дадат придонес во спроведувањето на пописот. Средствата кои се потребни да се обезеди логистичка поддршка не се големи, рече тој, а она што ќе го добијат локалните самоуправи е многу значајно за нивниот понатамошен развој.
/МИА/