На иницијатива на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, во Собранието се одржа работна средба со претседателите на невладините организации од бошњачката заедница, на која покрај други прашања, главна тема беше Пописот на населението, становите и домаќинствата во април 2021.
Пратеникот Рамчиловиќ ги информираше за носењето на законот, досегашните постапки на институциите и состанокот со директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Како што соопшти пратеникот Рамчиловиќ, кој е и претседател на Групата за пријателство со Парламентот на Босна и Херцеговина, од присутните на средбата беше потенцирано значењето на Пописот на населението за развојот на нашата држава со заклучок дека Бошњаците го подржуваат овој процес, во кој како помалкубројна заедница транспарентно и активно ќе се вклучат.
– Ме радува фактот што најголем дел од бошњачките организации покажаа дека се општествено одговорни, а со своето присуството и активно учество направија исчекор во кој заедно ќе соработуваат за одвивање кредибилен и успешен процес во којшто максимално ќе ја имаат мојата поддршка, изјави пратеникот Рамчиловиќ.
На состанок е формирано Координативно тело на Бошњаците за Попис 2021, составено од невладините организации и од денеска тоа почнува со своите активности.
На состанокот биле поканети сите активни невладини организации на бошњачката заедница, а присуствуваа од: Шадрван, Форум на Бошњаците, Еду-Ниса, Диван, Бошњачка културна заедница, Лилиум Босниакум, Диванхана и Љиљан, освен БНВ.
Присуствуваше и заменик-директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Џелал Хоџиќ, поканет бил и директорот на Управата за афирмирање на културата на припадниците на заедниците, Адмир Ујкановиќ, но отсуствуваше од оправдани причини.












































































































