Концепцијата за основно образование не ја пишува министер, туку експерти ангажирани и предводени од Бирото за развој на образованието како надлежна институција во тој дел. И таа е работена врз база на повеќе истражувања и анализи кои се цитирани во влезниот дел на документот, а во целиот процес беа вклучени и директори на училишта, наставници, родители и самите ученици, но и многу други релевантни фактори.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во денешното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, посветена на неколку актуелни теми од областа на образованието, со фокус на новата Концепција за основно образование за која јавната дебата во моментов се одвива во Собранието. Царовска истакна дека сите релевантни фактори во државата биле запознаени со реформата која се подготвува и дека истата се очекува да биде дефинирана и да започне со имплементација од септември 2021 година.
„Ние не брзаме со креирањето на реформата, туку напротив доцниме. Концепцијата е предвидена во Законот за основно образование и веќе втора година доцниме со имплементацијата и тоа е фактична состојба“, рече Царовска додавајќи дека за подготовка и воведување на целата реформа има доволно време од година и половина.
Таа рече дека интегрираните наставни програми кои ќе се подготват по усвојувањето на концепцијата, нема да бидат новина во нашиот образовен систем бидејќи тие постојат и сега. Уште еднаш потврди и дека нема да има бришење на ниту еден предмет или содржини и дека и понатаму ќе се изучуваат историја, физика, хемија, географија, но научните дисциплини ќе бидат поставени модуларно.
„Неоправдан е стравот дека со реформата ќе излеземе во пресрет на барањата на Бугарија, затоа што оваа реформа не е поврзана со ниту едно надворешно политичко прашање. Проблем настана кога започнаа во јавноста да се пласираат лажни вести поврзани со предметот историја“, рече Царовска и додаде дека со години го бираме тајминот за промени и веќе е крајно време за преземање конкретни чекори.
Јавната дебата за Концепцијата започна во средината на декември 2020 година и во консултативниот процес вклучени се сите засегнати страни, претставници од релевантни институции, универзитетски професори, над 4000 наставници, но и родители и ученици. Свое мислење даде и СОНК, регионалните претставништва на СОНК, ЗЕЛС, а во дебатата учествуваат и меѓународните организации и институции како УНИЦЕФ, светска банка, УСАИД, британска и швајцарска амбасада, делегацијата на ЕУ. Сите изразија поддршка затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование.
Дополнително, Концепцијата беше објавена на веб страницата на МОН и на увид на јавноста до 20 јануари годинава. Сите издржани и конструктивни забелешки исугестии ќе бидат интегрирани во документот, со цел усвојување на најдобрата верзија на концепцијата во интерес на учениците.
Изработката на документот е предвидена со Стратегијата на МОН за периодот 2018- 2025 година, со Законот за основно образование донесен пред околу една година и е дел од владината програма за работа.





