Предметот општествени науки, од прво до трето одделение преоѓа во наслов Човек и општество, а од четврто до деветто Историја и општество, за да јавноста се чувствува безбедно, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.
„Ова зборува дека ние сме ги слушнале граѓаните и не сакаме нивниот страв дапродолжи. Никако оваа реформа, освен преку лажната вест, не смее да се поврзува со надворешно политичко прашање. Заради тоа што интеграцијата на предмети е позната во светот. Една Британија има поврзани географија и историја, заедно ги учат. На денешната расправа во Собранието слушнавме од опозицијата дека такви дискусии се водат и денеска таму, и тоа се зрели демократии. И ние се стремиме кон тоа. И важно е да се водат дебатите“, рече Царовска.
Ние тука не зборуваме дали некој ни ја оспорува историјата или не, зборуваме за образовна реформа, која треба да ни даде основа, да ги научи учениците да учат, нагласи Царовска.
Министерката посочи дека досега и покрај бројните јавни оспорувања на концепцијата, не добила ниту друга концепција, ниту пак во денешната јавна расправа во Собранието слушнала аргумент плус против оваа концепција.
„Концептот не е непознат, не е експеримент. Напротив. Тоа е современ начин на спроведување основно образование. Ова е концепција, зачеток“, рече Царовска,објаснувајќи дека веднаш по потпишување на оваа концепција, треба да се распише оглас на којшто ќе учествуваат сите професори коишто сметаат дека треба да се вклучат, ќе се изберат групите кои ќе работат на наставните програми за прво и четврто одделение, а потоа групата продолжува да работи на наставните материјали.Паралелно ќе се објави повик за наставни програми за шесто одделение, за да имаат подолг период за пишување.





