– Во домот „Ранка Милановиќ” затекнавме ужас од установа, што беше доволно за нас да напишеме посебен извештај и да побараме итно преземање мерки за преместување на децата, изјави заменик-народниот правобранител Васка Бајрамоска-Мустафа во врска со случувањата во Визбегово каде што жителите се противат три деца од домот да живеат во куќа во нивното соседство, во емисијата „Топ тема” на
ТВ Телма.
Тројцата малолетници кои привремено беа дислоцирани за да не се соочат со револтираните жители се вратени во куќата во Визбегово. Според Душан Томшиќ, советник во Министерството за труд и социјална политика, незадоволните граѓани кога се жалат од децата ги нарекуваат „криминалци” без да ги познаваат, со што се крши Конвенцијата за права на детето.
– Најголем дел од нив низ годините биле во домот за деца без родители „11 Октомври”, оттаму во „25 Мај” и поради лоши работи што ги правеле стигнале до „Ранка Милановиќ”. Промената е што тие сега добиваат семејна грижа. Оваа куќа не е нивно трајно живеалиште, туку е систем кој ќе им даде поддршка да живеат самостојно, да ги научи на подобри навики и да добијат образование кое не го добиле зашто не оделе на училиште и крајната цел е потоа да живеат каде што сакаат – рече Томшиќ.
Џабир Дерала од Цивил, укажа и на поширокиот контекст на проблемот во Визбегово, со тоа што рече дека децата кои живеат таму се школуваат во училишта во Скопје, но македонските деца во Карпош, а албанските во Чаир.
– Во Визбегово децата немаат услови, немаат училиште. Децата од албанската заедница се носат со мини-буси во некој дел од Скопје. Во Чаир и таму учат на албански јазик и потоа се враќаат, а децата од македонската заедница одат во други училишта. Имате деца кои ги носите во два различни дела од градот, а потоа во попладневните часови ги враќате дома. Тие нам никогаш да живеат заедно, не комуницираат и се сегрегираат – рече Дерала и сугерира институциите да изградат едно големо училиште, во кое сите деца би се школувале заедно.
Визбегово се крена на нозе, и протестираше против деца – поранешни штитеници на домот „Ранка Милановиќ“, а не стивнуваат реакциите, за тоа дали овој протест е вистинската слика на нашето општество, полно со предрасуди или е негрижа, себичност или ова е само изолиран случај.
Б.Б.