Подготвени сме да го направиме чекорот и да го финализираме колективниот договор со Синдикатот на култура во Република Македонија до крајот на годината, но потребно е да се направи фер распределба, нормативи, класификација, нивелирање и воедначување на соодветните работни места, порача денеска премиерот Зоран Заев од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање.
-Подготвени сме да се постигне, за тоа сме проектирале и буџетски средства. Навистина се изгуби одредено време, чекавме промена на министрите, сега сме до самиот крај, верувам дека може да се постигне колективен договор, но мора да се направи фер распределба, нормативи, класификација, нивелирање и воедначување на соодветни работни места, рече Заев одговарајќи на прашање на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Магдалена Манаскова.
СКРМ претходно денеска најави штрајк од 16. следниот месец доколку, како што соопшти во најкус можен рок не се финализираат преговорите за колективниот договор и тој не биде потпишан со обврска за негово целосно спроведување од 1 јануари следната година.
-Имаме време до крајот на годината, доколку дотогаш се усогласат сите работи, се нивелираат самите плати и се воедначат областите и профилите, согласно тежината на работата. Тогаш ќе имаме правично нормирање и самите финансиски средства да бидат исплатени во февруари, со јануарската плата, рече денеска Заев.
Нагласи дека мора да се направи нивелацијата и потоа таа да се спореди со другите структури и профили во самите министерства.
-Со колективниот договор ќе се усогласат сите други права и правата на платите, ама тука кај што не е фер ај ќе го замижиме, не смееме да го замижиме изедначувањето. Вработен во областа на културата во средно зима повисока плата од професор во средно и тоа не може да се правда, рече Заев.
Пратеничката Манаскова побара од премиерот да каже дали ќе го потпише колективниот договор, конкретно одговарајќи со „да“ или „не“.
Како неоправдано го смета неговото појаснување дека ќе има незадоволство во другите сектори и посочи дека на пример зошто не се појавува незадоволство од вработените со средно во МЕПСО и Агенција за цивилно воздухопловство зимаат по 500 евра плата.
Од Советот на Синдикатот информираат дека причина за активирање на штрајкот е заради ненадејното и за нив неоправдано прекинување на работата на работната група за изготвување на предлог колективен договор.
– Последниве 10 дена работната група за колективен договор во Министерството за култура не е активна, односно работата е неосновано прекината од страна на Министерството. Како Синдикат кој директно е вклучен во преговорите, изминатите денови се обидувавме да ги дознаеме причините за ваквиот застој во работата, особено во време кога требаше да се финализира предлог колективниот договор и да се пушти на јавна расправа. Испративме неколку дописи со барање за продолжување на работата до повеќе официјални лица, но сè уште немаме никаков одговор од кабинетот на министерот Хусни Исмаили или неговиот заменик Владимир Лазовски, стои во соопштението.
Од Синдикатот бараат Министерството за култура јавно да одговори зошто е прекината работата на работната група за колективниот договор, зошто и покрај сите апели не се активира и дали е сè уште на ставот за потпишување колективен договор со спроведување од 1 јануари следната година.
– Да потсетиме, вработените во културата не бараат покачување, туку уредување на платите и правична валоризција на трудот по основ на Колективен договор кој Министерството, а со тоа и државата, им го должи цели 15 години, додава Синдикатот.
Синдикатот на културата одржа протестен марш на 8 октомври годинава со барање да се потпише колективен договор.