Д-р Јота се здоби со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа кога 16-годишник со својот автомобил удрил во лекарот.
„Колегата д-р Јота има тешка повреда на главата и се наоѓа во одделот за интензивно лекување на ТОАРИЛУЦ. Има нагмечување на мозокот и на белите дробови, поставен е на респираторна машина и сега се преземаат сите мерки на интензивно лекување“, изјави Филипче попладнево откако беше да го посети.
Од МВР информираа дека вчера бил удрен пешак, кој поради сериозноста на повредите е префрлен на скопските клиники.
– На 25.02.2021 во 20.30 часот било пријавено дека на крстосницата од булеварот Мајка Тереза и улицата Елисие Поповски-Марко патничко моторно возило БМВ Х6 со скопски регистарски ознаки управувано од 16-годишник удрило во Ѓ.Ј. (58) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје, соопштија од министерството.