пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Неодамнешните случувања со притворот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, и изрекувањето на казна затвор од 12 години за случајот со прислушувањето „Таргет-Тврдина“, ги подгреаа очекувањата на јавноста жедна за правда.
Толку ли силно режимот на Груевски ги беше стегнал чворовите на јамката околу вратот на правосудниот систем во државата, што беа потребни безмалку 4 години од неговиот пад, па конечно да може да се наѕре светлото на правдата?
Споро ли е навистина, или желбата за инстант правда ни ги надвладеа очекувањата?
Досега разрешени се: Владимир Панчевски, Јово Вангеловски, Софија Лаличиќ, Рахилка Стојковска, Лидија Неделкова и дузина други судии.
Секако тука има и безброј неочекувани сопки. Најголемата беше од првата „специјалка“ Катица Јанева. Ни ги искрши за момент сите очекувања и надежи. Нè столчи сите Катица! Само можам да замислам како се чувствуваат тие што беа околу неа – пред сè обвинителките Ленче и Фатиме. Од другата страна пак, политички, партиски и новинарски лешинари ликуваа над нејзиниот бедотилук, но не успеаа да триумфираат. За нивна жал правната разврска стигна бргу – Катица Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања, доби затворска казна од седум години, а настојувањата на новинарските фрикови да го врзат тоа со Заев, попатно сосема издишаа.
Патот кон правдата продолжи, чекорите се тешки – планина.
Преку една кратка хронологија на настаните врзани за ликови од правосудството и политиката, ќе се обидам да сумирам до каде е стигнато досега.
Пред две години Судскиот совет го разреши претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и од претседател и од функцијата судија. Покрај Вангеловски, тогаш разрешена е и судијката од Врховниот суд Рахилка Стојковска. Кога во 2008 година за првпат беше избран Вангеловски на функцијата врховен судија, тој претходно работеше како адвокат, без ниту еден ден судски стаж.
Вангеловски во 2015 година беше споменуван и во бомбите на кои можеше да се слушне негов разговор од 2011 година со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за случајот „Глобал“.
Како што пишува новинарот Станковиќ, кој долги години го следи правосудството – Јово Вангеловски познат по тоа дека во „бомбите“ се слуша неговиот глас како договора предмет со Антонио Милошоски, дека нешто „чепкал“ околу АКМИС-от, дека „му се најде“ на Сеад Кочан, дека му е кум на обвинетиот Трајко Вељаноски и дека е на „линија“ со бегалецот Никола Груевски, не може повеќе да става рака на правдата.
Во декември 2019 година Судскиот совет го разреши поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски од судиската функција. Панчевски беше суспендиран од функцијата поради обвинението за манипулации со АКМИС-системот, кое во јули го поднесе ЈО. На ваков начин, според обвинението, распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаи на Специјалното јавно обвинителство. На 15 јули Панчевски сам се пријавил во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, откако три дена не беше достапен за полицијата. Во август 2020 година Панчевски е осуден на казна затвор од три години и шест месеци.
Тогаш, Амбасадата на САД во Северна Македонија ја поздрави изречената пресуда за поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, Владимир Панчевски.
– Пресудата од страна на Велешкиот суд, со која поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје Владимир Панчевски е осуден на 3,5 години затвор за злоупотреба на АКМИС системот, е позитивен чекор во барање одговорност за оние кои се обвинети за поткопување на независноста на судството, објави на Твитер Амбасадата на САД.
Во февруари оваа година, разрешена е судијката од Врховниот суд Лидија Неделкова. Судскиот совет едногласно ја разреши Неделкова за ненавремено, немарно и несовесно извршување на нејзините работни обврски, повреда на Судскиот деловник односно Кодекс за судиска етика.
Пред неколу денови Судскиот совет донесе Одлука со која судијката Софија Лалиќич се разрешува од вршење на судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и истовремено донесена е Одлука со која времено се оддалечува од вршење на судиската функција до правосилно завршување на постапката.
Лалиќ се слуша и во една од „бомбите“ на СДСМ, во разговор со Сашо Мијалков, како тој вели дека ѝ завршил работа, а потоа зборуваат за избирање на други судии и купување подароци од „Сваровски“.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, информираше дека досега се донесени одлуки за разрешување на 11 судии.
Тој вчера нагласи дека разрешувањето на судиите не е политичко-партиска чистка, туку дека прочистувањето во судството се заснова на јасни постапки и критериуми, според кои се води Судскиот совет при носење на своите одлуки.
Напоредно со ликовите од правосудството, во затвор паднаа и дел од политичките фигури кои ги влечеа конците и го месеа по свој терк правосудниот систем во државата за време на режимот на Груевски.
Клупата во затворот во Шутка, очекувајќи го трансферот во Идризово од пред две недели ја грее и Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК и прв братучед на бегалецот од правдата Никола Груевски. Мијалков е осуден на 12 години затвор за случајот со масовното незаконско прислушување и за уништување опрема „Таргет-Тврдина“.
Мијалков покрај тоа е обвинет и осомничен во уште неколку случаи: „Трезор“, „Тортура“, „Титаник 2“, „Империја“ и „Плацеви на Водно“. Доколку се соберат заедно средните должини на затворските казни за овие дела, како што анализираат од Нова ТВ, заедно со пресудата од 12 години затвор за предметот „Таргет-Тврдина“, на Мијалков му се собираат повеќе од 30 години затвор.
Ако во следните две до три години има затворски пресуди за Мијалков во сите предмети на СЈО во кои е обвинет и во истрагите во кои е осомничен, тогаш вкупната бројка ќе надмине 30 години затвор. Секако дека постои „формула“ по која ќе му се одреди колку години ќе помине зад решетки за тие 30 и „кусур“ години, но јасно е дека Мијалков е далеку од слободата, наведуваат од Нова ТВ.
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, од чие тефтерче како што можевме да слушниме од бомбите на Заев, се регрутирани судии и обвинители, веќе се наоѓа на издржување казна затвор поради пресуда на надлежен кривичен суд, која е правосилна и ги поминала сите три инстанци, кои ги овозможуваат законите.
Jанкулоска осудена правосилно на 4 години затвор за незаконската набавка на мерцедесот од речиси 600 илјади евра за Никола Груевски, со полиција е спроведена во женското одделение во затворот „Идризово“. Пред две недели таа со полициско обезбедување од затворот, присуствуваше на објавата на пресудите и за случајот „Таргет-Тврдина“, каде доби плус четири години затвор.
Јанкулоска заедно со други поранешни функционери меѓу кои и Никола Груевски, Мартин Протугер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески е обвинета и во предметот „Титаник“, кој е прв случај што го обелодени СЈО, а се однесува на десетина дела поврзани со изборни нерегуларности.
Има уште многу правни битки да се извојуваат, да се надмудрат вештите адвокати, да не им се дозволи на неоткриените режимски судски молци да се обидат да ги застарат делата, да се уловат корумпираните судии, обвинители… Тука Министерот за правда Маричиќ има бааѓи домашна работа, која треба да си ја заврши. Бааѓи работа имаме и сите ние што критикуваме и фалиме, веруваме и кудиме, што се сопнуваме и стануваме, што притискаме, сите што на некој начин придонесуваме за правење на амбиентот кој е потребен за да може да се дојде до посакуваниот резултат.
Но, она што е недвосмислено и очигледно, е дека паѓа конечно „Сваровски судството“ на Мијалков и судиите од тефтечето на Гордана Јанкуловска. Прашањето е кога ќе му го прочитаме последното опело.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани