„Парламентот е во сензитивна ситуација, кога една година сме под притисок на пандемијата, и тој притисок се рефлектира и врз политиката. Лидерите на партиите постигнаа договор да се деблокира парламентот, што е добро оти имаме многу закони важни за граѓаните. Но, партиите решија да ги напуштат рововите и да имаме некаков компромис.“ – изјави пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во „Вин вин“ на телевизија Телма, зборувајќи за резултатите од лидерската средба помеѓу Заев и Мицкоски.
„Овој процес е добар почеток за продолжување на процесите и решавањето на проблемите на граѓаните. Ова е само почеток на деблокирање на парламентот. Малку е погрешна тезата кој кому му прави кворум во собранието. Праксата на блокирање на собранието мора да заврши тука, после лидерскиот договор. Може да имаме во иднина прашања по кои не се согласуваме соопозицијата, но имаме инструменти за дебата, за конструктивно делување, а не како до сега со блокади. Ние пратениците можеме да имаме поголема улога, да бидеме поактивни, повеќе и побрзо да ги решаваме проблемите на граѓаните. Го имаме и процесот „Жан Моне“ каде што имаме простор за дискусии и дебати, и тоа што е во интерес на граѓаните мораме да го проследуваме заедно.“- дополни Петровска.