Хрватската претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ рече дека нема ништо против Подравка еден од своите нови производи да го нарече Чоколинда, јави Danica.hr.
Колинда откри дека на менаџерите на Подравка им ја дала својата согласност производот да го наречат токму така – Чоколинда.
„Им реков на колегите од Подравка: Се согласувам, се откажувам од каква и да е накнада, убаво што сте измислиле таков производ, наречете го така“, вели Грабар-Китаровиќ.
Таа се надева дека производот добро ќе се продава не само на подрачјето на југоисточна Европа, но и во други држави.
„Нека ни расте државата, а мене нека ми се смеат колку сакаат. Ме загрижуваат секако, трендовите на лош и грд јазик, јазикот на омразата, но мене ништо не може да ме поколеба“, додава таа, пренесе Prigorski.
Инаку, Чоколинда настана по бурата која се дигна кога Колинда на децата во Дубровник во ноември 2016 година им делеше чоколада, а во пакетот се најде српско чоколадо од Пионир, па таа се извини подоцна на сите.
Тоа пак предизвика негативни коментари во целиот регион, а мини-аферата со чоколадото „Mony“ ја пренесоа и странските медиуми.