Кога ќе помислиме на сексуалната работа, што најчесто помислуваме? Дали на стигмата? Дали сексуалните работници се безбедни? Дали имаат соодветна здравствена нега? Дали клиентите се однесуваат достоинствено, и како нивното опкружение гледа на нивната работа. ФРОНТЛАЈН, имаше прилика да разговара со Моника Тасевска, сексуална работничка, без маски и искрено…
ФРОНТЛАЈН: Која е Моника Тасевска?
Јас сум Моника Тасевска, пред сè, мајка, активистка за човекови права, работничка… Работам како регионален координатор во НВО СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, а воедно сум и сексуална работничка.
ФРОНТЛАЈН: Колку време се занимаваш со сексуалната работа? Како всушност почна да се занимаваш со сексулана работа? Дали тоа беше личен избор?
Со сексуална работа почнав да се занимавам пред околу 10-ина години, кога останав без работата која претходно ја работев како административен работник во една приватна фирма. па морав да се потрудам да најдам начин на заработка. Веќе од претходно познавав луѓе кои се занимаваат со сексуалната работа и преку нивен контакт започнав и јас да работам. Поради стереотипите наметнати од општеството, кои и јас ги имав, си мислев дека ќе поработам извесен период и ќе прекинам, но со тек на време сфатив дека тоа е всушност работа како и секоја друга и тоа беше мој личен избор да продолжам со сексуaлната работа.
ФРОНТЛАЈН: Зошто „сексуaлна работа“ и „сексуaлни работници“ наместо „проститутка“ и „проституција“?
Терминот „проституција“ доаѓа од латинскиот збор што значи „изложена , обечестена“ и истиот има негативна конотација, бидејќи е поврзан со стереотипи и стигма. Овој термин се користи кога сакаме некого да навредиме, „проституција“ и „проститутка“ е карактеристична професија само за жени. Додека пак термините „сексуални работници“ и „сексуална работа“ произлегуваат од самата заедница и овозможува разгледување на комерцијалниот секс како економска активност, односно форма на вработување и подобро ги опишува видовите на сексаулна работа кои спаѓаат во сексуалната индустрија, воедно не ја ограничува родовата/половата вклученост во сексуалната работа.
ФРОНТЛАЈН: Знаеме дека настрана од оваа работа, работите и друга работа, колку сексуалната работа како самостојна е исплатлива во Северна Македонија?
Моментално примарна работа ми е работата во СТАР, сексуалната работа ја работам повремено по потреба. Како сексуален рабнотник/чка најважна е инвестицијата во себе, колку повеќе вложуваш труд во себе толку поисплатливо е, сепак како и за секоја работа така и сексуaлната работа заработувачката е индивидуалнa.
ФРОНТЛАЈН: Со оглед на тоа што се наоѓаме во пандемија, како влијание има на вашата работа? Дали имате редовни клиенти?
Со пандемијата сексуалните работници/чки доживеаја социjална и економска криза, има луѓе кои веќе цела година не работелe воопшто, други пак немајќи излез за друг начин на егзистенција си го ризикуваат сопственото здравје, а и здравјето на своите блиски и продолжуваат со работа, некои пак ги изгубија привремените домови бидејќи немаат средства да платат кирија. Лично јас од кога почна оваа КОВИД-19 ситуација, средбите ми се само со редовни клиенти со кои имаме некоја меѓусебна доверба и си веруваме дека се трудиме да не си наштетиме меѓусебно, односно да си го загрозиме здравјето.
ФРОНТЛАЈН: Зошто мислите дека мажите во брак, а и жените се одлучуваат да побараат услуга од сексуална работник/чка?
Ние живееме во едно да кажам чудно општество, најчесто брачните парови не можат да ги остварат своите сексуaлни фантазии, фетиши или пак желби внатре во бракот па тоа го барат надвор од својот брак. Да кажеме некои клиенти/ки услугите што ги бараат од сексуалните работници/чка не ги прават дома затоа што тој/таа им е брачен партнер и во бракот треба по некои „правила“ да се има ограничен однос/комуникација.
ФРОНТЛАЈН: Како вашето опкружување гледа на вашата работа, чија поддршка ви е најголема?
Живеам во мало место, практично кажано секој со секој се знае, но немам доживеaно нешто што ќе ме повреди длабоко. Се движам во круг на луѓе кои имаат различни погледи, нивните размислувања и гледишта не се ограничени, и луѓето ги делат на добри и лоши. Што значи, сексуалната работа ја гледаат како работа и ме поддржуваат во мојот избор. Тука се и моите блиски, но не можам да го изоставам и тимот на СТАР, луѓе кои во секој поглед и момент се овде за мене и како колега и како поединец, воедно би сакала да ја искористам приликата за им кажам благодарам за тоа што не уморно се залагаат за сексуалните работници.
ФРОНТЛАЈН: Со какви проблеми најчесто се соочуваат сексуалните работници/чки кај нас?
Стереотипите, стигмата и дискриминацијата се оние најчести пречки, како од општата популација така и од поединци, институционални работници. Немањето јасен и дефиниран закон влијае и на животот и на работата на сексуалните работници/чки, воедно е охрабрување за престапници кои се склони на насилство, охрабрување за поединци, институционални работници, да ја злоупотребуваат службената должност или да дискриминираат. Да бидам реална овие проблеми се намалуваат со текот на годините, со оглед на тоа дека како колектив во соработка со други организации работиме на подигање на свеста на општа популација, на сензибилизација на институционалните работници, и има позитивни промени.
ФРОНТЛАЈН: Кои се вашите замисли околу легализирањето на сексуалната работа, дали се преземаат одредени активности околу тоа прашање?
Заедницата на сексуални работници/чки не се залага за легализација, туку за декриминилизација на сексуалната работа, тоа значи поголема безбедност и здравствена заштита на сексуалните работници/чки. Секако СТАР како колектив на сексуални работници во соработка со други организации кои работат на унапредување на правата на сексуалните работници/чки преземаат најразлични активности. Пред две години се случи тркалезна маса со претставници на сите институции и тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. За прв пат на иста маса се сретнаа претставници на институции, министер и сексуални работници и зборуваа за регулација на сексуалната работа и за потребите на заедницата. Пред околу една година сексуалните работници/чки и организациите изготвија „Декларација на сексуалните работници“. Декларацијата ги наведува правата кои сите граѓани на Европа, вклучувајќи ги и сексуалните работници ги имаат согласно Меѓународниот закон за човекови права и ги опишува мерките и праксите кои потписниците на Декларацијата веруваат дека се потребни за осигурување на минимална почит и заштита на овие права. А вкупно седумнаесет политички партии ја потпишаа декларацијата. Зависно од условите, активности се преземаат и ќе продолжат заложбите за заштита, застапување и унапредување на правата на сексуалните работници/чки.
ФРОНТЛАЈН: Што би им порачале на сексуалните работнички кои не се толку храбри како вас да излезат со став, а што на клиентите или останатите граѓани?
Храброста е лична особина, не можам да ги охрабрам да зборуваaт јавно, но можам да им порачам дека сексуалната работа е работа, ние не сме закана или опасност за околината. Продаваме сексуална услуга, ние заработуваме за нас, за нашите семејства и нема зошто ние да се криеме и да се чувствуваме виновни. Нека чувствуваат вина оние кои не спречуваат да си обезбедиме стабилен живот и егзистенција, нека чувствуваат вина оние кои себично размислуваат и не се трудат да дадат шанса на луѓето кои едноставно не се како нив. Ние сме луѓе како сите други, нечии деца, мајки, татковци, ќерки, синови, внуци и имаме право да избереме што сакаме да работиме. Сè додека не штети на другите, изборот на работа не треба да е причина за вина. Додека пак на останатите би им порачала дека сексуалните работници/чки не ги продаваат своите тела, туку продаваат сексуални услуги, оние кои мислат дека ако платат нè поседувaат грешат, кога одиме во кафетерија го плаќаме кафето и толку, не ја поседуваме цела кафетерија!
Секако на оваа тема има многу да се зборува, се надевам дека ќе имаме и други прилики да ја подигнеме свеста на јавноста за сексуалната работа.
ФРОНТЛАЈН: Кои се главните заложби и цели на организацијата СТАР? Освен сексуалната работа, за унапредување на кои други маргинализирани професии/заедници се концентрира СТАР?
СТАР е Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, односно Здружение за поддршка на маргинализираните работници СТАР-СТАР. СТАР-СТАР се залага за свет без насилство во коj сексуалните работници слободно живеат и работат, а почитувањето на основните човекови права и слободи се основни принципи на демократско и толерантно општество, и има за цел да ги заштитува и застапува сексуалните работници во општеството преку активна соработка со државни институции, граѓанскиот сектор и медиуми на локално, национално и меѓународно ниво. Воедно ги мобилизира и интегрира сексуалните работници во процесот на градење на капацитетите и организацискиот раст и развој. Што значи, СТАР е организација предводена од самата заедница на сексуалани работници/чки, и проектите и активностите кои се спроведуваат се идеи и потреби на заедницата. Единствена маргинализирана заедница за која се залагаме се сексуалните работници, и работиме за заштита и унапредувања на правата на сексуалната работа.
Марија Миткоска