Со он лајн дебата на тема „Вештачката интелигенција и развојот на работните вештини“ денеска ќе започне третата годишна конференција „Women in Digital 2021“, во организација на телекомуникациската компанија А1 Македонија. Конференцијата за прв пат ќе се емитува во живо преку професионалната мрежа LinkedIn.
Според организаторите, на конференцијата ќе се обратат министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири и Методија Мирчев, директор на А1 Македонија.
Како што соопштија организаторите, со вклучување преку LinkedIn на официјалниот профил на А1 Македонија, конференцијата ќе биде отворена за сите заинтересирани да слушнат и да се вклучат во дебатата на една од најактуелните светски теми – Вештачката интелигенција и развојот на работните вештини во дигиталната ера.
Истакнати жени–професионалци од реномирани македонски и странски компании ќе дебатираат за потребата од вештачката интелигенција, нејзината примена во работата, како и неопходниот развој и усовршување на потребните вештини за работа.
На темата „Што значи притисокот на дигиталната трансформација и како податоците и AI алатките ќе ни помогнат во решавање на модерните проблеми“ ќе говори Ана Симиќ, раководителка за маркетинг автоматизација и дигитална трансформација во А1 Телеком Австрија Групација.
Во рамки на конференцијата ќе се одржи и панел-дискусија на која своите стручни ставови на темата ќе ги изложат истакнати успешни жени од бизнис заедницата – Ивана Доневска, извршна директорка на секторот за податоци и аналитика, USAA банка Чикаго, Симона Атанасовска, раководителка на оддел за развој и истражување во CodeWell AI Македонија, Ирена Ивановска, раководителка на одделот за ИТ едукација во Семос Македонија и Маја Милосавлевска Наумовска, директорка на Одделот за техника во А1 Македонија.