пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Социополитичката машина за мелење месо постојано ги држи Ромите на трпезата, свежи и спремни за правење плескавици за потребите на побројните, моќните и „вредните“. Ромите, непожелни и вековно омразени, кога се веќе тука, имаат неколку сосема споредни „улоги“ во животот на едно општество. Тие улоги се сведени главно на нивната умешност да организираат живописни свадби и други веселби, да свират и пеат по кафеани, да чистат скалила или ветробрански стакла. Но тука се да бидат и редовен предмет на потсмев и презир, боксерска вреќа на сите, па и на најмногу онеправданите, бидејќи, нели, Ромите се подолу од сите, помалку вредни од сите. Поточно, тие се безвредни.
Со други зборови, може некој да биде и на најниските социјални скалила, но Ромите секогаш се ставаат најмалку едно скалило подолу од сите. Освен што имаат нешто малку таленти поврзани со слободното време и „понижувачките“ (полу)занимања, тие се валкани, сакаат да просат, мрзеливи се, крадат, се размножуваат без контрола (покрај Албанците, како што пишува и во официјален учебник за социологија во средното образование)…
„Па и Циганите се луѓе“ – ќе каже понекој добродушен расист, мислејќи дека со тоа се вивнал барем еден километар поблиску до милоста Господова или Алахова…
АНТИЦИГАНИЗАМ
Ромите со векови се жртва на идеологијата за расната супериорност. „Антициганизмот“ го гледаме и во раниот Среден Век кога Ромите биле систематски сатанизирани и прогонувани. Нивните населби и номадски каравани биле мета на крвави напади и погроми. Можеби светот тргнал напред во многу области, но омразата и насилството против „поинаквите“ продолжува во вековите кои следат до денешен ден. Како што антисемитизмот им е својствен на милитантни и тоталитарни режими – фашизмот во Италија, нацизмот во Германија, сталинизмот во Советскиот Сојуз – исто толку и „антициганизмот“ бил еден од атрибутите на тие и на други насилнички режими.
Идеологијата на расна супериорност е широко распространета и длабоко вкоренета, негувана со векови, од највисоките општествени и политички слоеви, до најниските. Ромите секогаш биле дел од „внатрешните непријатели“,„кротки, но штетни“, непожелни. Истовремено, Ромите отсекогаш биле погодни за лечење на фрустрациите и задоволување на популистичките апетити на радикалите, грижливо и систематски распространети низ најшироките слоеви во општеството.
Идејата за расна супериорност е вселена во секое соседство, во секоја куќа, без оглед на етничката припадност и без оглед на тоа дали се работи за мнозинска или малцинска заедница, без оглед на тоа дали и самата заедница, што ги дискриминира Ромите, се соочува со дискриминација, стигматизација, предрасуди и стереотипи. На практични, секојдневни нивоа, тоа е преточено во едно општоприфатено потценување, презир и отфрлање на Ромите во секоја животна прилика. Освен политичарите, заслужни за ова се и интелектуалците кои се или архитекти на културата на мразење или молчешкум ја прифаќаат и ја пренесуваат без приговор омразата и идеологијата на супериорност од генерација во генерација. И тука, мора да се истакне со големи букви, не се само Ромите во прашање, туку и други етнички, верски и расни категории кои ја хранат културата на исклучивост и национал-шовинизам. Но мора и да се нагласи уште еднаш, директно и едноставно – Ромите се мета на сите останати.
КОЈ Е ПРАТЕН ОД БОГА?
Ако некој сака да прикаже некоја негативна особина или да направи споредба, „како Циган“ е најлесно изговорениот израз меѓу луѓето од сите слоеви и од сите етнички заедници. Не помагаат ни шеговити досетки, божем политички коректни, од типот „припадник на ромската заедница“ во ситуации во кои Ромите се обележани како скитници, безработници, отпадници… Ако во нешто се сложуваат сите, тоа е дека „Циганите се бетер и од Шиптарите“ односно „Каурите“, зависно од тоа кој ја изговара „големата мудрост“ која е во основа расистичка предрасуда.
Да не се заборави. За време на груевизмот, 2006-2016, Ромите беа најлесни за гмечење. Тоа најсликовито се одразува и во една од обелоденетите снимки на разговорите за време на локалните избори во 2013 година, кога тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, вели: „За уши, Циган по Циган ќе ги вадиме“.
Благодарение на политичките предатори во сопствените редови, Ромите беа најевтиниот гласачки корпус во канџите на Груевски и Фамилијата кои сега се соочуваат со судски процеси за изборните кражби со индустриски размери. А притоа, политичките лидери на Ромите, ни оддалеку не бараа подостоинствен третман. Напротив, Груевски, Мијалков и другите членови на Фамилијата беа пречекувани буквално како да се божества на ромските балови што ги организираше бизнис-политичката „елита“ во Шутка. Впрочем, Груевски, според Амди Бајрам (долгогодишниот деспот на Ромите), беше пратен од бога. Нешто слично кажа и поглаварот на Исламската верска заедница своевремено, но тоа е друга приказна.
МРАЧНИ НАСЛЕДСТВА И ПРОМЕНИ
За сето тоа време, Ромите имаа(т) проблеми слични на оние од Средниот Век – често немаат пристап до основни услови за живот, како што се вода, основна здравствена заштита, образование… Голем број семејства сè уште живеат во мизерни, субстандардни услови, со загрозена безбедност од сите аспекти, со високопроблематичен пристап до правда и социјални услуги.
Македонското општество наследи состојби од еден единаесетгодишен режим во кој дискриминацијата беше издигната на ниво на систем што го спроведува самата држава. Дискриминацијата беше воспоставена како принцип по сите хоризонтали и вертикали, факт на секојдневието, неподвижна и непроменлива состојба… Не е едноставно да се надмине таа состојба, наспроти сите владини стратегии, мерки и практики, колку и да се засновани на искрени и решителни ставови.
Зошто? Заради тоа што мора да се менува и општеството, мора да се менува јавната свест, мора да се менуваат животните навики и ставови во кои е длабоко вкоренета идеологијата на расната, верската и етничката супериорност. Тука не можеме да очекуваме брзи и видливи резултати ниту од владини кампањи, ниту од невладините организации, за жал. Невладините организации се посебна приказна; тие се затворени во својот меур, живеат од проект до проект, колку и да се посветени. Еден голем дел од невладините воопшто и не се посветени на ништо друго, освен на тоа што произлегува од проектите, знаеме сите што е тоа… Пари.
ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ
Што треба да се направи? Споделив неколку опсервации и се обидов да скицирам неколку решенија на дебатата на ЦИВИЛ со ироничен наслов: „На Балот за човековите права на Ромите“ (6/4/2021). Ќе споделам дел од тоа и овде.
Концептот кој израсна од улиците на македонските градови за време на Шарената револуција, наречен „Едно општество за сите“, стана стратегија на Владата. Таа има изгледи да прерасне во долгорочна државна стратегија. Треба да се забрза имплементацијата на таа стратегија, пред сè во образованието, културата и медиумите, а се разбира и во сферата на економските мерки за јакнење на ромската заедница.
Но најмногу од сè, треба да се менува менталниот склоп и начинот на мислење и однос кон и меѓу луѓето. Истовремено, итно е потребно коренито менување на начинот на политичко претставување и застапување, особено во однос на ромската заедница, иако на целиот политички пејзаж му е потребен целосен и коренит редизајн, не само ноншалантно ретуширање.
МУЛТИКУЛТУРА, ЕДНАКВОСТ И НЕДИСКРИМИНАЦИЈА
Што добива ромската заедница со политичкото претставување на политичарите од своите редови? Добива политички елити, интересни групи кои, всушност, го мелат сопственото гласачко тело, и го подредуваат на интересите на тие што се поголеми, и ја спроведуваат системската дискриминација. Со сета снисходливост, искажана отворено и јавно кон „супериорните“ и „божествените“.
Заради тоа, политичкото претставување, барем уште некое време, додека не дојдат нови генерации на политички репрезенти на ромската заедница, какви што има на јавни настани или во медиумите, но ги нема во партиските структури кои се натпреваруваат за власт. Власта и институциите се просторот во кој се практикуваат и унапредуваат човековите права и слободи на сите луѓе, дебатите се само дел од долгиот пат. Кога политичкото претставување ќе добие облик на вистинско, искрено и бескомпромисно залагање за политичките, етничките, културните, економските, социјалните, образовните и сите други интереси на ромската (или било која друга) заедница, тогаш можеме да очекуваме некакво поместување.
Ова е период (од 2017 година) кога на Ромите им е неопходна нова генерација политички претставници, бидејќи се совпаѓа со период кога на власт се политичари кои искрено веруваат и посветено работат на остварување на стратегијата „Едно општество за сите“. Не може да се очекува унапредување на човековите права на било кој колектив кога политичките претставници на таа заедница се корумпирани, без оглед на тоа дали имате прогресивен премиер и владина стратегија за мултикултура, еднаквост и недискриминација.
ПРЕД ВРАТИТЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ
Се работи за меѓусебно поврзани процеси, кои мора да почнат истовремено и да се одвиваат динамично и бескомпромисно, на сите нивоа, со искрено изразена, но и спроведена политичка волја. Таму ја гледам перспективата и унапредувањето на човековите права на Ромите и на сите други заедници во Северна Македонија. Дебатите сами по себе можеби се делотворни за размена на мислењата, јакнење на јавната свест и застапување, но далеку од тоа да се успешни во поширок контекст.
Луѓето се соочени со институции во кои работат расисти и националшовинисти чие однесување поминува неказнето.
Сите заедно, без оглед на припадноста и ориентацијата, треба да тропнеме на вратите на институциите, каде што се градат и спроведуваат политики и практики. Тука се и медиумите, а секако и училиштата. Наместо да бидат институции каде што се негува мултикултурата, училиштата често се места каде што кај младите се всадува идеологијата на етничка, верска и расна супериорност над другите. Факултетите и академијата се посебна, уште потревожна сторија.
Добро е да се почне од некаде, па нека биде тоа во училниците, но пред тоа мораме да видиме институции во кои работат свесни и совесни луѓе, кои не се придржуваат кон законите и етичките норми затоа што мораат, туку затоа што така мислат. Ништо не сме направиле ако имаме администрација што се воздржува од 8 до 4, а потоа е дел од политичка култура на сегрегација и дискриминација.
УНИВЕРЗАЛНОСТ И НЕДЕЛИВОСТ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА
Секој има право на сите права и слободи наведени во оваа Декларација, без разлика од каков било вид, како што се: раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, раѓање или друг статус. Исто така, не се прави разлика врз основа на политичкиот, правниот или меѓународниот статус на земјата или територијата на која и припаѓа лицето, без разлика дали е независна, под старателство, без самоуправна власт или под каков друг облик на ограничување на нејзиниот суверенитет.
(Член 2, Универзална декларација за човековите права, 1948 година)
Без оглед на тоа каде се наоѓате на општествените скалила или во некоја државна и друга хиерархија, без оглед на тоа колку го прифаќате или не, имате обврска да запомните еден факт, а тоа е дека човековите права и слободи им припаѓаат на сите подеднакво. Тоа е темел на современото меѓународно право. Морате да запомните дека не можете на една заедница да ѝ дадете повеќе права, а не некоја друга заедница помалку, врз основа на културата, јазикот, идентитетот или други карактеристики на таа заедница.
Не можете да кажете дека човековите права се почитуваат, ако има дискриминација на една или повеќе етнички заедници. Истовремено, не можете да тврдите дека човековите права на етничките заедници се почитуваат, ако индивидуалните човекови права се загрозени на било кој начин. Не можете да дадете повеќе или помалку човекови права и слободи. Тие се неделиви и се подразбираат за секој човек на светот. Не можете да дадете повеќе или помалку човекови права и слободи на една заедница, група или поединец, бидејќи тие веќе им припаѓаат на сите луѓе подеднакво.
Човековите права и слободи се бараат, се земаат и се чуваат. И се бранат! Никој нема туку-така да ви ги сервира, освен како некоја општа декларација (флоскула) која во реалноста малку или воопшто ништо не им значи на луѓето.
Се додека се бориме секој за своите човекови права, на индивидуални или колективни нивоа, во било која сфера, се разбира, не говорам само за етничките права, се до тогаш политичките и другите центри на моќта ќе профитираат врз грбот на оние што ги бараат правата само за себе. Заради тоа, солидарноста е основен принцип во борбата за човекови права и слободи.
НАПРАВИ РАЗЛИКА: ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ