#Frontaction
ПИШУВА: ВЛАДАНКА ДИМКОВСКА
Да се ослободи градот на солидарноста после сите земјотреси од 2011-та па наваму, е потег за почит.
Јас сум од Кумановка, често моите сограѓани знаат да ми го додадат и епитетот „чистокрвна кумановка”, бидејќи навистина си го сакам градот од кај што доаѓам – локал патриот од глава до пети. Но, несомнено мора да се спомене фактот, дека повеќе од 10 години, живеам во главниот град.
Со Скопје се запознавам од мала. Низ очите на моите. Низ моите очи. Викендите ги поминував на Скопското Кале, често одевме во Градскиот Парк, најмногу одев во McDonalds, а љубовта за театарот ја добив на претстави во Театарот за деца и младинци. Кога станав тинејџер, често бегав до Скопје за да го почувствувам “вајбот” на главниот град – некогаш и без да знаат моите, темпераментен човек тоа е.
Така што, без оглед на тоа што не му припаѓам на Скопје како негов граѓанин по матичен број, мене Скопје ми припаѓа и сè повеќе станува мој. Полека, но сигурно, мојот локал патриотизам се шири низ целата Скопска Котлина па веќе сите улички се отсликуваат под моите нозе.
Често го шетам градот, сакам да шетам долго, и да го истражувам. Се возбудувам на мали локални продавнички, на скриени весели насмевки, на убави кафеани и на ведрите души што го красат овој скромен, посебен и чуден град.
Кога почна Скопје да се заробува во бронза, со коњи на кои име не им знам, и стана една голема урбанистичка џунгла – верувајте ама навистина ме болеше секој еден спомен што го имам изградено. Па ја затворив мојата рута. Ограничив – на Дебар Мааало и Карпош како најбезбедна траекторија за пишување нови спомени.
Плоштадот, не личеше на оној од моите мисли, низ кој трчав со мајка ми со кеси полни TerraNova, и на кој јадев карамелизирани пуканки. Туку личеше на кич копија од некоја метропола, со згужвани споменици кои пробуваат да силуваат историја. Признавам. Скопје 2014 направи да не ми се допаѓа градот во кој живеам.
Галиите, одвратните големи згради, во некој барок и рококо стил – ми ја бришеа сликата за моето Скопје, со урбани бетонски градби кои го зборуваат јазикот на Кензо Танге.
И оној ден случајно си реков, Владанче, мораш да појдеш до Железничка пешки, и тргнав од Дебар Маало низ кејот… Одев полека и се зачудив Вардар беше чист. Вардар беше чист, а од другата страна имаше посадено трева и некои нови дрвја.
Ги видов ужасните галии кои стоеа во него, за кои разбрав дека е поведена постапка за отстранување.
Она што ме изненади пријатно и ми ја врати вербата во градот- е она што морам да го спомнам, ослободувањето на кејот.
По толку многу години, Скопје – нашиот град ќе има слободен и обновен кеј. Без летни тераси, без возила. Кеј со дрвја и велосипедски патеки, кеј со простор за уживање.
Скопје не може да се ослободи од сите работи, и од сите ножеви што му ги забивме. Но, може да изгледа поинаку. Може и мора, да се врати стариот сјај на градот на солидарноста, кој од својот бетон ширеше и ќе шири топлина и пораки за мир.
Скопје не смее да го изгуби својот дух. Скопје мора да го сочува своето зеленило, секое едно парче зеленило е важно. Мора да дише и да се развива во урбано место – со среќни граѓани.
До тогаш – одговорноста е и наша.
А можеби и само наша.
Да не фрламе отпадоци и да го негуваме она што е направено.
Наше е. Ние треба да го оставиме подобро на генерациите што идат.
Ако не ние сега – тогаш кој и кога?