„Мислам дека не треба повеќе да зборуваме како повеќе мажи да внесеме во сферата за борба за родова еднаквост, додека не почнеме да зборуваме како да внесеме повеќе жени во таа борба. Односно да ја урнеме границата меѓу родовите и на тој начин да им пристапиме на човечките битија кои се освестени и ги гледаат човековите права и слободи во нивното единство“, изјави Џабир Дерала на панел дискусијата “Улогата на мажите во родова еднаквост” во организација на Националниот демократски институт.
Дерала смета дека фокусот не треба да биде во обидот да се внесат што повеќе мажи, туку да биде колку и како можеме да ги донесеме сите луѓе, што можат да бидат едуцирани, свесни и активни граѓанки и граѓани што во борбата за родова еднаквост ќе се вклучат како неделив дел од тоа што преставува заложбата за човекови права и слободи.
„Ќе кажам нешто што моите другарки феминистки често го повторуваат: жените се подеднакво агресивен носител на машката доминација над жените. И токму тука треба да најдеме начин да го пресликаме, условно кажано, во двата антагонизирани пола и таму да најдеме начин да интервенираме“, смета Дерала.
Парафизирајќи ја американската писателка и феминистка Маргарет Мид, дека не треба децата да ги учиме што да прават, туку да размислуваат, Дерала потенцираше дека децата разликите ги учат уште од мали во градинка и дома, розевата боја е женска, сината боја е машка.
Панел дискусијата се одржа во рамки на Неделата за женски права и родова еднаквост. Говорници беа и Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација; Фадил Зендели, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Собрание на РСМ, Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонското женско лоби и Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности во Собранието на Република Северна Македонија.
Биљана Јордановска