Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 28 ноември 2019 година, врз основа на примена жалбa од Бранко Героски, ја донесе следнава:
О Д Л У К А
Интернет – порталот „Frontline.mk“, со текстот насловен „Флека на екранот“, го прекрши Кодексот на новинарите во членовите 15 и 16.
ЖАЛБА
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 18 ноември 2019 година, новинарот Бранко Героски поднесе жалба за текстот со наслов „Флека на екранот“, објавен на 18 ноември 2019 година, на интернет – порталот „frontline.mk“ (www.frontline.mk).
Во жалбата се наведува дека текстот содржи говор на омраза, навреда и клевета.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со интернет – порталот „Frontline.mk“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Медиумот не одговори на наводите на жалителот.
ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е ОСНОВАНА. Комисијата едногласно одлучи дека Кодексот на новинарите е прекршен во членот 16, а со мнозинство гласови и во членот 15.
Член 15: „Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспоиво со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста“.
Член 16: „Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различностите на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги своите колеги“.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА
На седницата на 28 ноември 2019 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.
Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за колумна, новинарски жанр кој сам по себе дозволува послободен израз, преку кој авторот може да ги искаже своите ставови и вредносни судови. Но авторот мора да ги знае границите на слобода на изразување и да биде свесен за моќта на зборот и неговото влијание.
Новинарот мора да ги има на ум моралните стандарди на публиката на која ѝ се обраќа. Тој не треба да користи непримерни, вознемирувачки или порнографски содржини во својата работа. Овој принцип, секако, не би требало да го детерминира или ограничи на каков било начин правото на авторот да го избере својот сопствен стил на изразување, се додека не е навредлив и непримерен за публиката.
Оттука, Комисијата за жалби, со мнозинство гласови, утврди дека во колумната е прекршен членот 15 од Кодексот на новинарите, според кој новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката, отстапка која особено е нагласена во следниве неколку реченици:
„Тие се главата на к…т со кој патуваме во светлата иднина.“
„Владе ми е како с…тор кој со напнатата го урива полскиот ќенеф во кој с..е.“
„…светот ги гледа станарите без дневните шминки и манири, како с…т, се е..т, ж…т, децата ги крадат родителите, родителите децата, човек од страна не може да види за кој к…ц се сѐ уште на куп“.
Новинарите мора да бидат свесни за искажаниот збор, а користењето на пејоративни зборови, колку и да се искажани на симболичен начин и со преносно значење, лесно можат да генерираат нетрпеливост кон одредени групи и да ги стават во негативен контекст.
Иако авторот на оспорената колумна има сопствен и препознатлив стил, неретко проследен со двосмислени пораки и фрази со фигуративно значење, сепак Комисијата оцени дека преку користењето метафорични изрази тој, несомнено, се обидел да се пресмета со јавни личности, во случајов, со познат режисер и новинар.
Во оваа насока, Комисијата најде дека во колумната е прекрешен и членот 16 од Кодексот на новинарите, според кој, новинарот треба да ги чува угледот и достоинството на својата професија и да ги поттикнува заемната солидарност и различностите на ставовите. Истовремено, медиумот нема да се користи за пресметка со личности, вклучувајќи и колеги. Прекршувањето на овој член особено е изразено во следната реченица:
„Еден журналистички црв шпарта низ македонскиот креденец и прави првокласна црвоточиниа од втор ред. Јавно го рекетира обвинителството. Му вика: Или ќе кажете кој ме следел (него го следеле, замислете) или јас ќе се п…..м во колумна, па вие ќе видите што е смрдеа“.
* * *
Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено.
Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска,Теофил Блажевски, Лилјана Пецова – Илиеска и Ердем Ахмет.
Се обврзува интернет – порталот „Frontline.mk“ (www.frontline.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.