Празниците што се ближат, Велигден и Рамазан Бајрам, граѓаните ќе ги дочекаат без полициски час. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека во предвечерието на Велигден, односно вечерта 1 наспроти 2 мај, како и вечерта 12 наспроти 13 мај кога се празнува Рамазан Бајрам, нема да има рестрикции во однос на движењето на граѓаните на територијата на државата.
Кризниот штаб, покрај оваа мерка, најави и дополнително релаксирање на останатите рестриктивни мерки. Се очекува на владината седница закажана за утре, да се потврдат измените на мерките согласно кои угостителите ќе може да ги отворат за посетители своите локали, почнувајќи од задутре. Во најава е измена на времетраењето на полицискиот час, кој освен што за време на празниците ќе го нема, во другите денови ќе започнува еден час подоцна, односно од 21 часот до 5 часот наутро.
Благиот пад на бројот на позитивни случаи, како и намалениот притисок врз здравствените установи, резултира со намалување на рестрикциите после ригорозниот тринеделен период. Во најава е и сончева временска прогноза, па за неработните денови и продолжениот викенд се очекува поголемо движење на граѓаните, но и се препорачува и понатаму почитување на мерките за превенција и заштита од вирусот.
Со најавените добри вести за поголеми дози на вакцини од различни производители кои се очекуваат да бидат на располагање за македонските граѓани во мај, остануваат препораките да се почитуваат мерките и протоколите за безбедност од Ковид-19. Се разбира, ако и секој од нас даде сопствен придонес и личен пример со воздржување од групирање и од друго кршење на превентивните мерки.
И. Д.







