Претседателот на најмоќната држава на светот, Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, беше инаугуриран на 20 јануари 2021 година. Обраќањето на претседателот во Конгресот, несомнено, влезе во американската историја и претставуваше вистински потег во вистинско време.
За почеток, вреден за издвојување е јасниот повик упатен кон Камала Харис, потпретседателката на САД и Ненси Пелоси, претседавачката на Конгресот, да го заземат нивното место и да одржат говор во Конгресот за време на претседателското обраќање. Бајден, можеби како никогаш до сега, испрати кристално чиста порака околу неговите вредносни судови и приоритети – тука е и рамноправноста помеѓу мажите и жените. Истакнувајќи дека ниеден претседател до сега не ги изговорил неговите зборови, а беше време, Бајден испиша нова страница во најдобрата светска демократија.
Додавајќи дека е краен момент жена Американка да седне и во Овалната канцеларија, односно да биде и претседателка на САД, сегашниот претседател на еден убав начин, направи огромна разлика помеѓу неговите ставови и акти и ставовите на претходникот. Тој го официјализираше уште повеќе овој момент, искажувајќи јавна поддршка и давајќи глас во првата прилика за жена кандидатка за највисоката функција. Хиерархиски погледнато, 56-годишната Харис и 81-годишната Пелоси претставуваат прва и втора заменичка на Бајден, а да се види тројката на пиедесталот во Конгресот е една навистина прекрасна глетка, но и уште позначајна порака која беше испратена.
Громогласниот аплауз сочинет и од Демократи и од Републиканци кои ја одобри историската глетка на сцената, потврди, меѓу другото и дека Америка полека заздравува од економската и здравствената криза и дека посветли денови се на повидок. Споменувајќи го и неславниот 6 јануари 2021 година, Бајден истакна дека државата повторно тргнува напред учејќи од тој настан и претворајќи ја опасноста во можност, кризата во прилика, а назадувањето во сила.
Во своето излагање, Џо Бајден ги спомена и 220 милиони дози на вакцини кои досега инјектирани во рацете на Американците, го потенцираше и рекордниот план за опоравување со инвестиции од 1.900 милијарди долари, но спомена и можна ревизија на оданочувањето во Америка. Неизбежен дел беше и надворешната политика во која САД се клучен играч и беше подвлечена потребата од редефинирање на односите на американскиот народ со Кина и Русија.
Критикувајќи ги и автократиите низ светот, Џо Бајден дефинитивно одржа лекција за тоа што претставува еден вистински државнички говор. Со своите зборови и однесување, тој покажа и докажа дека на светот му е потребно стабилно и предвидливо лидерство на САД и дека за унапредување на демократијата се потребни искрени верници во неа и демократи.
Иван Дургутов




