Анти -режимската борба против груевизмот, сè уште е жива, независно од падот на режимот и бегството на Груевски или промената на власта и подборување на демократските сосотојби во нашата земја. Од една поинаква перспектива, онаа на Бургијашите, на првата линија на Отпорот, разговаравме со Борче Боки Трајковски – Бургија, колумнист и „лидер“ на Бургијашите за тоа шарено, револуционерно време…
Фронтлајн: Сподели со нас сеќавања за годините на режимот.
Овде ќе го парафразирам чичко Ангеле, 75 годишен чаирчанец со кого често пати споделувам мислења. Периодот на владеењето на Груевски во апсолутна смисла на значењето на зборот РЕЖИМ го заслужува тој термин. Во тој децениски период и државата и граѓаните се соочуваа со власт која ја интересираше само сопствениот профит и личните бенефити, намерно сеејќи страв и раздор меѓу граѓаните. Режимот ги понуди благодетите од власта за неколку дузини класифицирани партиски послушници кои во тој период ќе набилдаат пари, имот и капитал на штета на сите граѓани, исцрпувајќи ја државната каса. Кога велам на штета на сите граѓани, буквално мислам на сите. И на оние нивни „тврди“ поддржувачи, симпатизери и гласачи на ДПМНЕ. Всушност, тој дел од таа маса наивни поддржувачи се најголемите губитници од владеењето на режимот на Груевски, затоа што заблудата во која беа внесени и занесени, беше сценарио на режимот.
Ги „попрскуваа“ со спрејот на најлажниот патриотизам, ги ставаа на страната патриоти, а сите останати мораа да бидат прогласувани за предавници, ги хранеа со појадоци на Камени, со суви сендвичи на митинзи, со „квалитетни“ сладоледи во Жена парк убедувајќи ги дека тие се следбениците на античките Македонци, дека тие се вистинските, потиснувајќи им ја историската придобивка на револуционерното движење кое како акроним го злоупотребуваа пред ДПМНЕ. Тие десетина години во тој режим бевме сведоци на многу диктаторски ситуации и настани, кои имаа за цел да заплашуваат. Несанкционирани насилни убиства, исто такви случаи на затварање телевизии, стотици притворања на недолжни, апсења пред ТВ камери, сомнителни сообраќајни несреќи и редица други слични преку кои режимот сееше страв кај сите останати кои се обидуваа да му се противстават. Многумина бевме свесни дека станува збор за воспоставен режим во кој и изборите се организираа со тешки фалсификати, закани и присилувања.
Секои две години избори според истиот терк, режимот убедливо ги добиваше. И парламентарни и локални и претседателски. Сѐ што во тој период државата доби како избрани функционери, градоначалници, пратеници и на крај претседател во два мандати, сѐ беше издејствувано со фалсификувани лични карти, пасоши и државјанства, транспортирање и сместување на такви искористени души само за да дојдат овде да гласаат и со застрашување на домашните гласачи. Во серија беа апсолутни победници преку дрското злоупотребување на гласањето и на гласачите. Бомбите кои подоцна се појавија, беа само печат на сето она што меѓу здравиот разум се претпоставуваше ама немаше простор за до крај се отвори и искаже, иако многумина на најразлични начини го правеа тоа.
Критичарите кон режимската власт на Груевски се соочуваа со медиумски мрак, простор наменет само за глорификации на режимот, за нивно промовирање, телевизиски атракции од типот на директните телефонски јавувања на Груевски од местата на поплавите во Тетово и Скопје, договорените дијалози со министрите и градоначалниците со наредби веднаш да им помогнат на настраданите, по што граѓаните требаше да се одушевуваат од неговата грижа, па сечење лента на селски чешми и слично. Страшни се сеќавањата, еве и додека го кажувам ова се накострешувам од тоа време, ама, можеби токму затоа не треба да го заборавиме…
Фронтлајн: Како се бореше ти против режимот?
Како и многумина други ја користев мојата ФБ популарност во тој период, па преку оние хумористично сатирични колумни кои редовно се објавуваа на порталот Плусинфо и во весникот Слободен печат, ставови напишани во скопски сленг, и без никаква цензура во смисла на кратење на она што значеше “мрш у три“ или “у триста лепе…“, го искажував и своето негодување кон власта. Социјалните мрежи беа единствениот отворен простор за конфронтација со режимот на Груевски, за искажување револт и несогласувања, за критики и напади. На читателите најверојатно им се допадна тој пристап на критичност од Боки Бургија, па популарноста брзо ја стекнав. После креирањето на групата Бургијаши на Фејсбук, станавме интересна дружина која барем во тој период од многумина членови зрачеше на иста фреквенција. Станавме популарни заради нашите отворени ама издржани несогласувања со власта на Груевски, и групата брзо одекна во тој простор како анти-режимска, анти-груевистичка, анти-дпмнеовска со паролата „Или си или не си човек“. Поддршката стасуваше од многу истомисленици и во политичкиот свет. Природно беше дека таквите погледи, кои, главно се пренесуваа преку моите ставови, наидуваа на отворена поддршка кај СДСМ, и негодувања кај ДПМНЕ. Бургијашите станаа симпатична револуционерна анти-режимска дружина на тој медиумски простор, посебно кај опозиционерите…
Но, тоа по што ќе се жигосаме како свои, беше отворената поддршка на секој протест предизвикан заради различни дејствија на режимот. Бургијашите ги поддржуваа сите такви протести и имаа свое влијание, и оставија свој автентичен белег на тој период. Како тогашен „лидер“ на Бургијашите ја прифатив и поканата да се качам на Ладата на Отпорот. Бевме неприкосновени во поддршката на Отпорот дури и откако тој згасна…
Фронтлајн: Што е Златна бургија?
Приказната е малку опширна, но ќе се обидам да ја стегнам. Во периодот на растечката популарност на „Бургијашите“, а посебно после непосредниот пад на Отпорот и најавените промени на лидерската позиција во СДСМ, после неотповикливата оставка на Црвенковски, Бургијашите останаа на линијата на Отпорот…
„Отпорот“, Ладата и Бела чао, беше спојката меѓу Бургијашите и Бранко. Морам да потенцирам, Бургијашите беа на истата „фреквенција“ со Црвенковски, дека власта на Груевски прво мора да се сруши, после да се тераат избори. Застанавме на таа страна, и така продолживме во периодот кој следеше. Јавно и недвосмислено ја искажав мојата поддршка кон Зоран Јовановски, како кандидат за иден лидер на СДСМ во која учествуваа и Зоран Заев и Кире Наумов, и во тој предизборен циклус бевме настојчиви во поддршката на Јовановски, затоа што беше подржан од бургијашките симпатизери во тогашниот пратенички состав…
Бургијашите беа етикетирани како Бранковисти, и отворени противници на кандидатурата на Заев. И бевме. Во меѓувреме, Бранко изрази желба да се сретне со дел од Бургијашите. Не за да тера политика со нас, туку, за да се запознае со некои од нас. Првата средба беше организирана во тесен круг на „тајна“ локација, за да втората, ај ќе ја наречам прва официјална средба на Бургијашите со Бранко, на негова иницијатива се случи во тогаш популарната Бокиева Лименка, или познатото Лименкино Свеучилиште, каде прв пат ќе бидат доделени одличјата наречени „Златна Бургија“. Идејата потекна од мојата драга пријателка, професорката Мимоза Ристова, и беше прифатена како одлична идеја која треба да прерасне во традиција, а ќе ја добиваат познати борци против режимот на Груевски или жртви на истиот…
Во тој предизборен циклус за нов лидер на СДСМ, очекувано за голем број дотогашни истомисленици, Бургијашите кои ја држеа страната на Отпорот се соочија со внатрешна конфронтација. Докажани и профилирани Бургијаши, кои, ја фатија страната на Заев за лидер на СДСМ, станаа најголеми непријатели и опоненти на бургијашкото крило кое го предводев јас. Бургијашите анти-бранковисти прераснаа во најжестоки непријатели на Бургијашите бранковисти. Ха ха хаа, ама буквално вака беше. Од овој период потекнува и онаа мојана „Бог да ве чува и да ве Бранко Црвенковски!“. Групата се разретчуваше, поддршката исто така, сѐ повеќе конфронтации до меѓусебни пцовки, навреди и закани, па од нешто што до некни зрачеше со отворено заедништво против режимот на Груевски, сега се претвори во внатрешен конфликт и несогласувања на истомисленици, небаре групата беше политичка партија и во неа се бираше нов лидер. Но, тоа беше тоа…
Фронтлајн: Кој сѐ ја доби Златната бургија?
Речиси сите пратеници од тогашниот состав на опозицијата, како и голем број новинари, колумнисти, граѓански активисти и обични луѓе. Голем е списокот, и ако почнам да ги набројувам, сигурно ќе пропуштам некого. Но, морам да напоменам дека имаше и такви кои беа одликувани со „Златна Бургија“, а не ја подигнаа. Мислам дека не ја прифатија идејата, уште помалку манифестацијата заради етикетирањето на групата. Како и да е, сите добитници на ова одличје ги карактеризираше борбата против режимот на Груевски, и сите до еден, ги заслужија. И оние кои не ги подигнаа…
Фронтлајн: Зошто прекина?
Јасно беше дека третата и последна манифестација на доделување „Златна бургија“ се одржува на „шкрги“. Сѐ поголеми несогласувања, сѐ поотворена конфронтација, сѐ поголем и подлабок раздор меѓу Бургијашите. Сепак и таа манифестација беше прогласена за успешна. Знаете што? Бургијашите, со мене на чело, беа многу погласни и построги во критиките на новото раководство, затоа што, на листите на пратеници ги немаше „Бургијашките пратеници“, односно „децата“ на Бранко. Јас и денес тврдам дека појак парламентарен состав во Македонија немало, и сѐ уште нема. Станавме мета на секакви напади на новото крило во СДСМ, таканаречени заевисти. Се соочивме со отворен бојкот од видни луѓе во јавноста, добитници на „Златни бургии“, па и покрај таквите надворешни прилики третата Бургијашка средба, последната, како што реков, ја организиравме успешно. Инаку, таа манифестација беше организирана во сеќавање на „Црниот понеделник“. Нема да помине многу време, кога на иницијатива на Зоран Заев ќе се случи најголемата и најмасовната Бургијашка дружба во ресторанот “Носталгија“. Бранко одби да дојде со образложение: “Боки, рано е, не е време да се појавувам со Заев, ќе рипнат медиумите и вмровциве дека сѐ уште јас управувам со партијата и со него, и сѐ ќе се сврти против СДСМ, убаво да си поминете“.
После “бомбите“, борбата против режимот на Груевски доби друг правец. Бургијашите застанаа на таа линија на фронтот, ама повторно со идејата дека Груевски прво мора да падне, па потоа да се оди на избори. Рушењето на режимот не беше во агендата на новото раководство на СДСМ. Бургијашите во различни и помали групи беа посетители на кампот пред Владата, иако јас не го подржував тој музичко уметнички перформанс. Милчин и отворено општествените новинари и медиуми под негова капа правеа сѐ да се сузбиваат појави како „Студентските протести“, “Бургијашите“ и слични, за да не почне да им се ситни оној дел од „тортата“ со која се „засладуваа“. Тие сакаа да го имаат приматот во сѐ што значеше протест против режимот на Груевски, и со многу нивни реакции всушност загушија такви спонтани, природни појави. Таков впечаток добивав тогаш. Всушност, за мене како обичен набљудувач на политиките на власта и на опозицијата, па и на дел од граѓанските здруженија, нивните потези колку и да ми наликувале наивни и плашливи, а во дадени моменти и смешни, на крај излегуваше дека јас сум тој кој грешел во некои ставови и заклучоци. Ви текнува? Ха хаа…
Ми беше чест тогаш кога бевме на иста линија, чест ми е и сега кога не се согласувам со некои поранешни Бургијаши, како и со голем број тогашни заевисти сега жестоки противници на Заев. Овде ќе си поставам прашање: Што се смени кај мене за да направам таков пресврт, од поддржувач на Отпорот, отворен противник на изборот на Заев за претседател на СДСМ, а сега му давам поддршка на Заев? Ништо посебно и ништо значајно. Ништо ново, ниту поразлично од првото, кај мене. Се приклучив во борбата за рушење на режимот на Груевски следејќи ги новите околности, а во тие околности, Заев, за или против мојата волја, беше новиот лидер на СДСМ и прв во таа борба против Груевски. И секако, претпоставката, дека, токму истото го правеше и Бранко во тој период. На неколкуте средби во неговиот кабинет со група Бургијаши, никогаш не рекол дека не треба да му се даде поддршка на Заев, напротив. За него беше важна поддршката на СДСМ на чело со кој било лидер, па и со Заев. Кога ќе размислев малку подлабоко, си велев: Па чекај бе Боки, ако Бранко ги имал „бомбите“ во фиока, и ако решил дека истите многу посилно ќе одекнат од некој нов лидер на СДСМ отколку од него, и ако оставката ја темели на таа негова мудрост, ако сите жешки костени ги префрли во рацете на новиот лидер, тогаш нема никаква причина да се биде против новоизбраниот лидер на таа партија.
Работите не се одвиваа според начелата на Отпорот, ама, признале или не, се движеа во таа насока. Затоа ме чудат шпекулациите дека Бранко подготвува нова партија. Но, чудна е политичката арена во Македонија, за да нешто биде чудно. Нејсе, со Зоран Заев се имам сретнато три пати, едниот во неговиот кабинет во СДСМ непосредно по неговиот избор за прв човек на СДСМ, вториот пат е оној на заедничката дружба која тој ја иницираше, и третиот пат минатата година кога дојде на терасата на ГТЦ да ми ја купи книгата „Клучот“, и толку…
Не сум член на СДСМ за да креирам партиски мислења и ставови, уште помалку кадровски политики. Ниту пак се согласувам со сѐ што прави владава на Заев. Впрочем, има многу во оваа влада кои не се на мојата листа фаворити, и она најважното за мене, режимот на Груевски можеби е паднат, ама не е срушен, не е „спакуван“, сѐ уште мириса на него. Треба темелно да се деконтаминира просторот…
Знаете што, обичниот човек и понатаму ќе се соочува со апсурдност во политиката и најверојатно нема секогаш да ги разбира, па токму од тие причини дружбите со политичарите и кај мене предизвикуваа внатрешен немир или двобој, и најверојатно таа борба ќе продолжи. Како и да е, тие средби ги сместувам во категоријата на куси и интересни периоди, кои, кога тогаш можат да наштетат на подолг период и не треба да им се дава посебно значење. Денес навиваш за еден, утре за друг. Денес си поддржан од едни, утре си нападнат од истите. Ние знаеме да се фалосуваме со фотки со значајни политичари на социјалниве мрежи, демек, види слика со Бранко, со Заев, со Стево и слични, без да обрнуваме внимание дека, некогаш, не заради нас, туку заради нивните промени во политичката арена, кои, за жал, се чести, токму со тие фотки поранешните истомисленици можат да нѐ треснат по глава. Политичарите, и во тие дружби со нас обичните гледаат политичка цел, интерес и слично, а ние само фотки за чалам. Ова го разбрав малку подоцна…
Фронтлајн: Ќе ја обновиш ли Златна бургија?
Не. И јас научив нешто. Ха хаа… Оставам на некои од помладите да се ангажираат и да влезат во тој ризик. Зезнато е водењето група и организирањето на такви манифестации во кои јасно се профилира политичка ориентираност, затоа што секогаш постои ризик внатре во истата група да се појави отпор, кој, можеби е нормална и природна појава во партиите, ама, за оваа средина сѐ уште е рано за да можеме и ние обичните да се разбираме и да се договараме без последици. Можеби во некоја блиска иднина некој ќе се осмели да ја реафирмира таа манифестација, а можеби ќе се еманципираме до таа мерка па политичките разлики да не ги дочекуваме на нож меѓу нас обичните. Ќе видиме…
Интервјуто го подготвила: Б. Јордановска
Фотографии: Огнен Бошњаковски