Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на онлајн конференција насловена: Жените и МВР „Заедно работиме – заедно празнуваме“ во пресрет на утрешниот ден на полицијата 7- ми Мај.
На конференцијата, на која учествуваа и државната секретарка Магдалена Несторовска и дел од вработените во Министертвото за внатрешни работи, министерот Спасовски ја потенцираше улогата, местото и значењето на жените во системот на Министертвото за внатрешни работи и имплементирањето на принципите на правична родова застапеност, со која жените ќе го добијат своето заслужено место во општествените современи текови.
Државната секретарка Несторовска во воведното обраќање истакна дека ова е прв пат од празнувањето на 7-ми Мај Денот на полицијата, да се одбележи со активност во која ќе доминираат родово сензитивни теми, учеството на жените во МВР и воопшто во полицијата. Сите активности кои се преземаат за зголемување на учеството на жените во полицијата и во МВР, поддршката на раководството на чело со министерот, е недвосмислена, јасна и искрена.
На онлајн конференцијата обраќања имаа и Маја Стојановска, командир на Полициска станица Кисела Вода, Ирена Спирова, самостоен инспектор за полициска обука во ЕБР и Туркан Тутиќ, претставничка на Специјалната антитерористичка единица ТИГАР.
Министерот Спасовски нагласи дека денес, во Министерството за внатрешни работи жените се далеку позастапени во делот од административните служби, но се прават сериозни исчекори и за нивна правична застапеност во оние служби кои до пред десетина или повеќе години важеа за исклучиво “машки“ – особено во рамки на униформираната или криминалистичка полиција.