пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Антизападната пропагандна „братија“ која не знае колку пари има, сосе трол фабриките со евтина работна сила, долгогодишните клиенти на македонските политичко-криминални моќници и корисните идиоти кои бесплатно им ја вршат работата на пропагандистите на социјалните мрежи, имаат јасни цели, одлично разработен систем и досега се релативно успешни.
Велиме релативно успешни, бидејќи не им успева да ги сопрат демократските и интеграциските процеси во целост, туку само да ги успорат и привремено да ги блокираат. Сепак, не може да им се одрече дека се прилично успешни во продлабочувањето на поделбите и внесувањето страв и несигурност. Тоа им е барем лесно.
СИТЕ ОГРАНИЧЕНИ, БЕЗИДЕЈНИ И НЕСПОСОБНИ ПОЛИТИЧАРИ
Македонското општество отсекогаш беше поделено по разни основи, најмногу по етнички. Дури и самите внатре-етнички поделби произлегуваат или зависат од интензитетот на меѓуетничката нетрпеливост. Зависно од тоа дали некој е националист или не е, дали сака да живее во мир, хармонија и меѓусебно почитување или сака да живее со омраза, потценување и кревање ѕидови кон „другите“, се одредува кој е „патриот“ или „предавник“.
Сите ограничени, безидејни и неспособни политичари и нивниот „интелектуален“, „уметнички“ и медиумски ентураж, кога и да сакаат да привлечат внимание, да уценуваат на „преговарачката“ маса за да добијат власт или да избегнат одговорност или казна за криминалот и корупцијата, а најмногу за да задржат или да освојат власт, посегнуваат кон пиштолот наполнет со омраза.
Спремни се да работат и против интересите на сопствената земја, само за политички ќар, за побрзо искачување по скалилата на моќта.
КОГА ЦРНАТА ПРОПАГАНДА ЌЕ ЗЕМЕ НЕКОГО НА НИШАН
Поларизацијата во општеството доведе до целосна контаминација на јавната комуникација во која не се слушаат аргументите на другиот затоа што разговорот е убиен со пропаганда. Единствена цел е да се надвика оној од „другата“ страна. Нема повеќе соговорници или опоненти, туку само непријатели. Нема други бои, освен црно и бело. Нема ниту нијанси. Црно-бел свет, така е најлесно. Зошто да се слушне другата страна, кога мојата страна и онака нема цел да убеди или едуцира, туку да победи. Со пропаганда.
Илустрација за отсуството на дијалог, а уште повеќе за сеприсутноста на пропагандата во јавниот дискурс, е начинот на кој се коментираат вестите, ставовите и анализите на социјалните мрежи.
„Хахаха“ е извонредно чест коментар, како и: „како не бе, ти ќе ми кажеш, кој си па ти, лажеш, колку пари зема за овој текст…“, а за говорот на омразата и да не говориме. Што се однесува до говорот на омразата, тој е насочен кон целосна дискредитација на изворот, односно авторот, да се одврати публиката дури и од самиот обид да прочита нешто. По можност, да се убие авторот (и буквално), затоа што е на „другата“ страна и на „нишан“ го земала црната пропаганда.
НЕ МОРА ДА СЕ ПРОЧИТА ЗА ДА СЕ МРАЗИ
Затоа, не беше изненадување кога словенечки ИФИМЕС објави дека во тек е тајна разузнавачка операција за уривање на Зоран Заев и враќање на Никола Груевски на власт. Не беше ни изненадување што таа информација не беше сфатена како сериозна тема во најголемите медиуми во земјата. Како што не беше тема ниту скандалот дека пари со непознато потекло со години се слеваат во дел од македонските медиуми во т.н. „Операција Македонија“. Уште помалку се изненадувачки реакциите на троловите и корисните идиоти.
Еве една, конкретна илустрација. Текстот „Десант за уривање на Зоран Заев“ доживеа огромна видливост (импресии, читаност, лајкови и споделувања). Најголем дел од реакциите се позитивни. Но тоа повлече и реакција на „нервниот систем“ на пропагандата. Наспроти неспоредливо повисоката бројка од позитивни импресии, забележлива е лавината коментари со екстремен говор на омраза.
Ако се погледнат коментарите, заклучокот се наметнува самиот по себе. Истиот вокабулар, промашени теми, но точно одредена мета на омразата, истите профили (голем број лажни), очигледно ниско ниво на писменост. Треба ли да се додаде дека кај повеќето од тие што коментираат со говор на омраза, не ни знаат за што коментираат? Не прочитале, туку само добиле налог да мразат. Не мора да се прочита за да се мрази. Нели?
КАКО ЌЕ ПАДНЕ ЗОРАН ЗАЕВ?
Има уште еден многу интересен дел од коментарите, од кој може да се извлече многу важна поента. Имено, дел од коментарите на социјалните мрежи на споменатиот текст може да се сведе на изразот: „Зоран Заев самиот ќе се урне“. Тоа е чисто избегнување на одговорот, преку менување на темата.
Како тоа? Значи, не е алармантно тоа што постои тајна разузнавачка операција насочена против владата и враќање на режимот на Груевски, туку дека Зоран Заев „води погрешни политики“, колку и да не се тема самите политики. Целосно се занемарува информацијата за тоа дека некој од надвор, тајно работи против државата и нејзините избрани претставници и се обидува да креира мислење и атмосфера која ќе ја диригира волјата на гласачите.
Зоран Заев е македонски политичар и одговара пред македонската јавност и пред гласачите. Дали ќе изгуби или ќе добие доверба (треба да) зависи од македонските граѓанки и граѓани и од определбата за или против европска иднина на земјата, за демократија, слобода, еднаквост и владеење на правото.
Влијанија имало и ќе има, но тие имаат име и презиме. Тоа зависи и од меѓународните односи, дефинирани, официјални и видливи. Зависи и од медиумите, креаторите на јавното мислење во земјата, па ако сакате, и од граѓанското општество. Се разбира, доколку го изразуваат своето мислење и не работат по диктат на подземни, разузнавачки канали и други форми на хибридните закани. И најмногу (треба да) зависи од гласачите!
Зошто некој/некои тајни разузнавачки операции би го враќале Груевски? За да им направи услуга на граѓанките и граѓаните кои се разочарани од Заев? Или за да постигне други цели? Тоа се прашања кои очигледно не се предмет на размислување. Важно е да се искористи секоја прилика за да се изрази нетрпеливост кон метата, а не кон тој што пука во неа. Тоа е загрижувачки.
Уште една споредба: Ако некој ви каже дека куќата ви ја запалиле, вие го барате виновникот, а не барате помош да го гасите пожарот. И не помислувате дека можеби сте ја оставиле ринглата вклучена.
ЦЕЛТА Е ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА, ПРЕЗЕМАЊЕ ИЛИ РАЗОРУВАЊЕ
Црната пропаганда ги користи медиумите, но тоа, колку и да е деструктивно, не е крајот на приказната. Со подземни, разузнавачки и субверзивни операции, тие систематски работат и на дестабилизација на системот, со можност до негово целосно преземање или – разорување. Протерувањето на рускиот дипломат од нашата земја е само уште еден сигнал дека не се работи за детска играчка.
Хибридните закани се комплексни операции во кои играчите постојано го модификуваат своето дејствување, соодветно на условите, но целите им се постојано исти: поларизација во општеството, разнишување на довербата во институциите, дестабилизација на земјата по сите основи – политички, економски и безбедносни. Кој не го гледа тоа, останува корисен идиот.
Се извинувам ако некого навредува изразот „корисни идиоти“. Го употребив без намера за навреда, туку во значење кое е употребувано во политичкиот жаргон со кој се дефинира категорија на луѓе кои се жртви на пропагандни манипулации. Во случајов, тие ѝ се придружуваат на лажната „патриотска“ кауза без да знаат дека се изманипулирани и дека со нив цинично си поигруваат структури на моќта кои работат и против нивните интереси.