Вежбата „Одлучен удар 21“ претставува првата голема вежба по заокружувањето на македонското полноправо членство во НАТО сојузот. Армискиот полигон Криволак, близу Неготино, полека, но сигурно прераснува во полигон кој ги задоволува и највисоките светски стандарди за простори од овој карактер.
Денеска истото беше потврдено и со т.н. Ден за високи гости, односно лица кои присуствуваа на презентацијата на вештините на припадниците на македонската армија и армиите на САД, Грција и Бугарија. Дел од почесните гости беа и највисоките домашни државни функционери – претседателот Пендаровски, премиерот Заев и собранискиот спикер Џафери, како и ресорната министерка Шеќеринска. Исто така, присутна беше и амбасадорката на САД во Скопје, Брнз, како и министерката за одбрана на Црна Гора, Ињац, но и висока делегација од сојузната држава Вермонт, САД, како и многубројни воени аташеа акредитирани во Северна Македонија.
Моќта на најсилниот воено-политички светски сојуз НАТО лежи во заедништвото и токму оваа воена вежба тоа го демонстрира. Регионалната соработка со грчката и бугарската армија, но и прекуокеанската – со американската, проследена со голема поддршка од САД за напорите на модернизирање на условите за нашите воени лица, покажува дека придобивките од членувањето во НАТО се присутни и истите допрва ќе се покажуваат. НАТО сојузот, гарантирајќи ја територијалната целовитост и безбедност на неговите членки, преку ваквите вежби и тесната соработка, покажува дека неговите постулати и вредности не остануваат само на хартија, туку земјите ги чувствуваат секојдневно.
Во обраќањата на министерката за одбрана, премиерот и претседателот ова беше јасно подвлечено, а во излагањето на американскиот гостин беше потенцирано дека ваквите настани и вежби помагаат за обострано учење и запознавање со системите и опремата на разните земји членки.
Оваа вежба, која всушност е дел од најголемата НАТО вежба „Defender Europe 21“ и истата годинава се одвива на европско тло. Покрај учеството на над 1.000 припадници на армиите на четири земји членки и воспоставувањето директен контакт, целта на вежбата е и демонстрација на високо ниво на интероперабилност, воена подготвеност и презентација на пешадиските баталјони.
Иван Дургутов