Американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша Извршна наредба со која се проширува опсегот на вонредни мерки во врска со регионот на Западен Балкан, која опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.
ЕУ мора да го исполни ветувањето за старт на преговорите со Скопје и Тирана, смета шефот на германската дипломатија Хајко Мас, според кого, добро е што португалското претседателство со ЕУ ја држи оваа тема високо на агендата на Унијата. Во меѓувреме, дома опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе на протести со барање за увид во преговорите со Бугарија, иако премиерот Зоран Заев, повторно посочи дека напорите за решение се во рамки на португалскиот предлог, што пак е доставен и до опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 250.813 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.455 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.556 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 410.711 дози вакцини, а ревакцинирани се 159.898 граѓани.
Бидејќи, нели во јавноста циркулираат неколку изрази, декриминализација, депенализација, легализација, секое од тие изрази си има свое значење. Меѓутоа, концептот на декриминализација значи, декриминализација не значи само бришење или менување на одредбите во кривичните закони, тоа претставува на некој начин како модел или концепт на политика на една држава којашто ќе подразбира освен тргање на репресивните мерки, воведување на здравствено социјални и економски мерки, што ќе олеснат легална достапност на возрасните луѓе до канабисот, изјави Хајди Штерјова од ХОПС.
Со цел гарантирање на безбедни услови за престој и користење на услуги во угостителските објекти, хотелите, мотелите, автокамповите Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во соработка со Министерството за економија издава меѓународен сертификат за безбедност „Safety Travel Stamp“ односно „Знак за безбеден туризам“.
M. Mиткоска




