Најголемата светска сила, Соединетите Американски Држави, на прилично јасен начин и во прилично погоден момент, испраќаат јасен сигнал кон домашната политичка сцена. Во моментите кога најголемата опозициска партија, мака мачи, да го анимира електоратот пред претстојните локални избори и започнува со некакви протестни собири, од нашиот најзначаен стратешки партнер доаѓа јасна порака.
Испратените зборови согласно кои сите обиди за минирање на стабилноста и евро-атлантските перспективи на македонското општество нема да бидат толерирани, на недвосмислен начин укажуваат како стојат работите на домашен терен. Неуспешниот маневар на опозицијата и упорното кокетирање и со национализмот и со европската интеграција, едноставно нема да бидат толерирани во иднина.
Дури и за оние кои не ја разбираат националната и меѓународната политика во детали, совршено разбирливо е дека несовршениот Преспански договор е болниот компромис, кој оваа македонска држава и општество, мораа да го направат за да конечно почнат да чекорат напред. Со дипломатски ракавици, токму тоа и го кажува претседателот Џо Бајден. Во меѓувреме, на македонските опозиционери и на нивните перјаници, останува да одлучат дали повеќе би сакале да се видат себе на т.н. црна листа на САД или повеќе би сакале да се вградат во процесите кои нашата држава ја очекуваат и заедно да придонесат кон поголем успех во истите.
Иван Дургутов