Почина Јана Арсовска од Охрид, девојката која боледуваше од многу редок тип на канцер и по двете трансплантации на коскена срцевина, ѝ беше предложено итно лекување со имунотерапија, објавуваат нејзините блиски на социјалните мрежи.
Инаку, вечерва во „Арената A1“ во Скопје, требаше да се одржи хуманитарен концерт на Бона и Мили од соседна Србија, а дел од собраните средства требаше да се донираат за лекување на Арсовска. До сега се организираше и хуманитарен концерт за Јана во Охрид, а беа отворени и донациски сметки, затоа што препорачаната терапија беше многу скапа.
Со случајот на Јана (33), беше запозната пошироката јавност, бидејќи боледуваше од многу редок тип на канцер и по двете трансплантации на коскена срцевина, ѝ беше предложено итно лекување со имунотерапија. Ова барање беше одбиено од Фондот за здравство, а пресудата од Управниот суд, ФЗО повторно да го разгледа случајот, беше обжалена од Фондот. Со месеци се чекаше одлука и од Вишиот управен суд.
Во меѓувреме Јана беше на клиника во Солун, бидејќи по 10 месеци без никаков третман и терапија, мораше да почне со големата битка за консолидирање на нејзината здравствена состојба.
Б. Б.







