пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ / ЦИВИЛ МЕДИА
МАКЕДОНЦИТЕ И АЛБАНЦИТЕ (СЕПАК) ЌЕ ЖИВЕАТ ЗАЕДНО
Македонците и Албанците, сепак, ќе живеат заедно. Реченица со која универзитетскиот професор Владо Поповски во интервјуто со авторот на овие редови го направи за магазинот „Капитал“, број 539 во 2010 година, кажа сѐ. Поводот беше интервјуто на лидерот на ДПА Мендух Тачи на ТВ-А2 во кое, поврзано со неговите познати 12 точки за релаксирање на меѓунационалните односи во Македонија, изјави:
„Генерално, во менталниот склоп на Албанците е Голема Албанија, како што во менталниот склоп на Македонците е дека не можат да живеат заедно со Албанците“.
Дали е тоа баш така и дали Тачи или некој зад него, заговараат вакви решенија? Да се вратиме на насловот Македонците и Албанците (сепак) ќе живеат заедно.
„Доколку дојде до каква било дестабилизација во Македонија, границите кон Албанија и Косово нема да паднат како што тоа го најавува или го посакува Мендух Тачи, од две причини: тие две држави имаат пријателски односи со Македонија, немаат нерешени проблеми со нас и верувам дека не го овластиле, ниту го охрабриле господинот Мендух Тачи да го изјави тоа што го изјави. Албанија е членка на НАТО и како таква мора да води грижа за колективната безбедност, и во таа смисла има обврска да развива и да ги гарантира добрососедските односи. Косово во меѓувреме стана самостојна суверена држава која допрва го изградува својот имиџ и таква авантура не би ѝ била потребна“.
ОДНОСИТЕ МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ И АЛБАНЦИТЕ СЕ КЛУЧНИ ЗА ОДРЖЛИВОСТА НА ЗЕМЈАТА
Професорот Поповски уште тогаш, една деценија пред Бајден, најави и се залагаше „за казнување“ на оние кои не го почитуваат Охридскиот договор.
„За неспроведување на Охридскиот договор потребни се механизми за да се обмислат и операционализираат таквите норми. Предлозите на тој план кои ги слушаме во јавноста треба да добијат политичка и стручна верификација, бидејќи со нив се заговара политичка одговорност која е неспорна и кривична одговорност за непочитување на Договорот“.
Односите меѓу Македонците и Албанците се клучни за одржливоста на Република Северна Македонија. Затоа што Албанците во Македонија сочинуваат 25 проценти од вкупното население, албанската заедница има голема економска моќ и живее на компактна територија, има младо население до 25 години кое е околу 30 проценти од соодветната популација на Македонија и затоа што има капацитет за водење на издвоена политика. Односите меѓу Македонците и Албанците стануваат клучна варијабила во политичката (не)стабилност на Македонија. Тоа мора сериозно да се респектира.
Понатаму, во споменатото интервју, Поповски говори за перспективите на нашата земја во поглед на системското функционирање на државата низ призмата на меѓуетничките односи.
„Перспективата на Македонија е во статусно-функционална демократија, еден вид на коригирана либерална демократија која, ако баш сакате така да кажете, го федерализира начинот на решавање на етничките, културните, образовните локалните и слични права, без да создава територијални граници или блокади на системот во чисто граѓанските домени. Затоа, на пример, и Бадинтер имаше изјавено дека за Македонија не одговара комплетна консензуална демократија, ниту, пак политичка федерализација.“
АНТИАЛБАНСКИОТ СИНДРОМ
За време на кралска Југославија, Македонците и Албанците беа меѓусебно блиски и заеднички ги делеа проблемите, бидејќи режимот на кралска Југославија во Македонија не ги почитуваше националните и политичките права, ниту на Албанците, ниту на Македонците. Богата меѓусебна соработка и соживот постоеја и пред и особено од Балканските војни наваму.
После 1945 година во ФНРЈ, антиалбанскиот синдром од Србија почнува да се пренесува и во Македонија со што почнаа да се нарушуваат добрите односи меѓу Македонците и Албанците. Во воените години и првите години по војната, како и за време на АСНОМ и непосредно потоа, имаше примери на добра соработка со Албанците, меѓутоа многу брзо потоа се навлече српскиот синдром кон Албанците кој се прошири низ просторите на Југославија и во Македонија.
Тие односи сè повеќе се нарушуваа со дискриминација во државната администрација, во војската, во високото образование во пристапот кон јавни финансии… Тие грешки во водењето на државната политика продолжија и во период на самостојна Македонија од 1991 година, со значителни, но сè уште недоволни корекции, после Охридскиот договор.
Можеме да наброиме серија непотребни инциденти со Албанците, дел подметнати од УДБА, дел од локалните националисти. Сето тоа во синџир создава проблеми кои, ниту одговараат на македонското општество, ниту произлегуваат од заедничкото искуство на Македонците и Албанците како граѓани, ниту пак водат кон граѓанско заедништво.
ПРОБЛЕМОТ Е ВО ХИПОТЕКАТА
Таа хипотека се носи со децении. Тоа е српскиот синдром и ние во таа ментална матрица се најдовме како пулени на истиот, кој не е автентичен за Македонија и за македонско-албанските односи. Проблемите кои се појавуваа во Косово и Србија требаше да се генерираат на поширок простор, пред сè, во Македонија, иако фактичката состојба не беше таква. Се влечеа паралели, се прошируваше антиалбанско расположение, се прошируваше антиалбанскиот фронт длабоко и во Македонија, за да ги имаат Македонците како приврзок на српската политика кон Косово и кон Албанците. Како резултат на тој синдром и после 1991 година се појави силна дискрепанција меѓу декларираните права на Албанците и фактичка состојба на теренот. Тоа се гледаше во ексклузијата на Албанците од јавната администрација и од многу други сфери од јавниот живот.
Поповски вели дека до деведесеттите години од вкупниот број на завршените основци во албанскиот корпус, само 6,7 отсто го продолжиле своето образование во средни училишта, а кај Македонците тој број беше над 96 проценти. До 1994 година, само 5 проценти од Албанците биле со факултетска диплома. „Тоа е тешко наследство од претходниот систем што требаше брзо да се надминува. За жал, до 2001 година, не се надминуваше реално, а по 2001 можеби не се надминуваше доволно ефикасно и доволно опфатно“.
РАЧНА КОЧНИЦА
Рачната кочница и денес ја влечат идеолозите на ВМРО и затоа е значајно и охрабрувачко решението на Бајден, сите кои го оспоруваат или не го почитуваат Охридскиот и другите регионални договори, да бидат санкционирани.
Мицковски (Груевски и Георгиевски) и ВМРО-ДПМНЕ тоа не го разбираат, затоа уште од минатата година повторно шират паника и заплашување на граѓаните актуелизирајки ја теоријата на заговор за т.н. „Тиранска платформа“. На 21 јануари 2020 година потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски за Алфа ТВ изјави дека „Заев се надева на Тиранска платформа 2“ како дел од негово „капитулантство и предавство на сопствениот народ“.
ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ЗАГОВОРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА НАВОДНА ТИРАНСКА ПЛАТФОРМА?
Да појасниме што е „Тиранска платформа“. „Тиранската платформа“ е теорија на заговор, промовирана од страна ВМРО-ДПМНЕ и нејзините странски поддржувачи од Русија и Србија на почетокот на 2017 година, откако таа не успеа да освои мнозинство од 50% пратеници по изборите во декември 2016 година. Се работи за измислица чија цел е поттикнување омраза кон етничките Албанци и нетрпеливост и вознемиреност кај другите етнички заедници, во прв ред меѓу Македонците, а потоа и кај другите балкански народи.
Првобитната верзија на оваа приказна беше дека формирањето на коалициона влада составена од дотогашната опозициона партија СДСМ со ДУИ и други партии на етничките Албанци ќе доведе до уништување на Македонија како држава и присоединување на нејзини делови кон Албанија.
Пропагандата за „Тиранска платформа“ беше активирана како форма на притисок за нарушување на меѓуетничките односи, во периодот на постизборно убедување партијата ДУИ да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и да формираат влада. По долготрајни преговори, ДУИ ја одби понудата заради неприфаќањето на условот за опстојување на Специјалното јавно обвинителство, кој беше дел од „Заедничката платформа на албанските парламентарни партии во Македонија“ за приоритетите на идната влада.
Овој документ, објавен на 7 јануари 2017 година на македонски и албански јазик, ги претстави заедничките ставови на три партии на етничките Албанци (ДУИ, Движењето БЕСА и Алијансата на Албанците), договорени преку низа средби меѓу кои и една одржана во Тирана во текот на претходниот декември. Сите тие услови, освен оној за продолжување на работата на СЈО, кое веќе имаше покренато обвиненија против функционери од владата и партијата предводени од Никола Груевски, биле прифатени од ВМРО-ДПМНЕ во текот на неуспешните преговори кои траеја до 29.01.2017 година.
РУСКАТА „ЗАГРИЖЕНОСТ“ ОД ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА
Ниту еден од потписниците никогаш не го има користено терминот „Тиранска платформа“. Неговото користење го промовираа политичари од ВМРО-ДПМНЕ, Русија и Србија, како и медиумите поврзани со тие режими. Така, во текот на 2017 и 2018 година, Русија и Србија терминот „Тиранска платформа“ го поврзува со терминот „Голема Албанија“ – концепт за освојување територии кој кај припадниците на други народи треба да предизвика негативни чувства кон Албанците.
На пример, по белградската средба со српскиот претседател Александар Вучич во февруари 2018 година, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави:
„Загрижени сме од пасивноста на ЕУ во врска со иницијативата од Тирана за Тиранската платформа која претставува експлицитен повик за создавање на Голема Албанија“.
А ВИСТИНАТА Е…
Вистината е дека во оригиналниот текст на „Заедничката декларација на албанските парламентарни партии во Македонија“ нема никаков повик за создавање на Голема Албанија, туку напротив, со него се афирмираат „просперитетот и долгорочната стабилност на Македонија“ како заедничка држава на сите нејзини граѓани.
Три години подоцна, исполнувањето на клучните делови од оваа декларација, како менувањето на законскиот статус на албанскиот јазик, не доведе ниту до „албанизација“ на Република Северна Македонија, ниту до нејзина поделба – распад, ниту до присоединување територии кон соседни држави. Напротив, со исклучок на партиите кои се поврзуваат со руската и српската политичка поддршка, во земјата владее консензус дека со завршување на процесот за формално придружување на НАТО во текот на 2020 година, се намалуваат безбедносните ризици и се подобрува можноста да ги оствари и другите долгорочни стратешки интереси.
БАЈДЕН НЕМА ВРЕМЕ ЗА МИЦКОСКИ И ГРУЕВСКИ
Тие интереси и спогодбите во Македонија и регионот на кои потпис ставија и претставници на меѓународната заедница морат да се почитуваат и гарант за тоа, меѓу другите, ќе биде и Наредбата која ја потпиша претседателот на САД.
Меѓународната заедница, вклучително и САД, немаат повеќе трпение, а ни време, да ги толерираат ваквите идеи, тоа Бајден јасно го кажа во најновиот декрет. Бидејќи во третата декада од новиот милениум ги чекаат поголеми и посериозни предизвици од Мицкоски и Груевски, а тоа се енергетиката, климатските промени, Кина, па и Русија, во која многу бргу Путин ќе дојде под притисок на локалните бизнисмени кои ќе бараат поголема демократија и отворено ќе му кажат – „шефе, олабави малку!“.